Македонскиот автомобилист Ристо Вуков го комплетираше настапот во Монако возејќи ја втората трка од сезоната во Порше Суперкуп, каде што се натпреварува втора година по ред.
На крајот од трката Вуков стигна до 18 место, откако стартуваше од 20 место. Во трката која се возеше како дел од програмата пред Ф1 спектаклот имаше вкупно 24 возачи во највисокото светско ниво на ова натпреварување.
– Минатата година имав тежок старт бидејќи се откажа трката во Имола поради поплавите во Емилија Ромања, а во Монако го оштетив возилото со преголема желба да се докажам. Тоа ми беше лекција и оваа година бев многу повнимателен на тренинзите и квалификациите, односно се обидов да го дадам најдоброто од себе во трката. Морам да признам дека со инженерите се одлучивме „да се коцкаме“ и да преземеме извесни ризици при штелувањето, кои на крајот не ни се исплатеа. Имено, отидовме еден чекор поагресивно при тунирањето, очекувајќи дека е можно да има излетувања и прекин, односно излегување на возило за безбедност. Тоа не се случи, па во последната третина од трката веќе ми беа истрошени пневматиците и немав шанса за напредок во финишот, изјави Вуков.
Третата од предвидените осум трки во календарот ќе се вози на 30 јуни, во Австрија, а пред тоа Вуков планира најмалку две тестирања со својот тим Омбра од Италија.