Ќе бидеме коалициски партнер кој нема да биде „привезок“ во коалиција, туку ќе градиме партнерски односи со нашите идни коалициски партнери. Во првиот момент, кога ќе сметаме дека нашиот збор не се почитува, нема да бидеме составен дел од Владата, порача вечерва лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски.
Димитриевски за емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5, прашан околу разговорите со ВМРО-ДПМНЕ за владино коалицирање, посочи дека станува збор за разговори околу основните принципи на функционирање и на усогласување на идеолошките разлики.
– Разговараме врз база на платформата што им ја понудивме и ја прифатија во целост. Многу помалку е битно каква ќе биде имплементацијата на власта во делот на тоа кој колкав број на ресори ќе преземе, многу повеќе е важно што тоа суштински ние ќе реализираме кон граѓаните. Денеска сме тука каде што сме, чекор пред влез во Влада, рече Димитриевски.
Тој потврди дека разговараат во делот на поделба на ресорите, при што потенцираше дека ЗНАМ е подготвен да влезе со својот капацитет и со своите кадри во голем број на ресори во државата и да даде свој придонес за сериозни реформи и стабилизација. Посочи дека имаат капацитет да раководат со Министерството за правда, но се ќе зависи од конечниот договор.
– Имаме разговарано за поголем број на ресори. ЗНАМ е подготвен да влезе со својот капацитет и со своите кадри во голем број на ресори во државата и да даде свој придонес за сериозни реформи, стабилизација и реализација на програмата и тоа што го ветивме. Ние имаме капацитет и за Министерство за правда и за многу други големи министерства. Но, сепак тоа ќе зависи од конечниот договор. Тоа се некои прелиминарни разговори, рече Димитриевски.
Верува дека доколку ЗНАМ добие целосна поддршка да го менаџира овој сектор, успешно ќе спроведат сериозни реформи во делот на независната судска власт.
– Верувам дека доколку ЗНАМ добие целосна поддршка да го менаџира овој сектор, успешно ќе спроведеме сериозни реформи во делот на она што значи независна судска власт, обвинителска власт, сериозни реформи, притоа да не се имплементираат идеи за ветинг, туку реално да се направи пресек на тоа што се случува на сите оние обесправени граѓани, рече Димитриевски.