Стеријната награда од Фондот „Дара Даринка Чалениќ“ за најдобра млада актерка ја доби Сандра Грибовска Илиевска за улогите на сестра, Алиса, Снежана и Марика во претставата БРОД КУКЛИ од Милена Марковиќ, во режија на Кокан Младеновиќ во изведба на Народниот театар Битола.
Како што се истакнува – одлуката е донесена едногласно.
„Со гордост и среќа, објавуваме дека Сандра Грибовска Илиевска е добитничка на наградата за најдобра млада актерка, на штотуку завршеното 69. Стериино Позорје во Нови Сад, Србија. Срдечни честитки!“, се наведува во објавата од Битолскиот театар.
Ансамблот на НУ Народен театар-Битола по 33 години повторно настапи на фестивалот. Прв пат во Нови Сад настапи во 1977 година со претставата „Свадбата на Мара“ на Владимир Костов во режија на Љубиша Георгиевски, потоа во 1978 година со претставата „Време за пеење“ на Петре М. Андреевски во режија на Слободан Унковски, во 1987 година битолчани ја одиграа „Магна карта“ на Марио Роси во режија на Златко Свибен, а последен пат учествуваа во 1991 година со „Подземна република“ на Јордан Плевнеш во режија на Владо Цветановски.