Институциите и органите на државната управа не обезбедуваат ефикасна и целосна заштита на критичните информациски системи поради недостиг на законска регулатива од областа на безбедноста на информациските системи, непочитување на европските директиви и недоволен кадар, соопштуваат од Државниот завод за ревизија.
70 отсто од нив немаат формирано тимови за одговор на компјутерски инциденти, додека 87% од институциите воопшто не утврдиле обврска за нивно ангажирање надвор од работното време. Ревизорите со забелешки и за процентот на инвестиции во сајбер безбедноста
Од преку три милијарди евра вредни договори склучени во период од околу 4 години, незначително мал процент завршил во овој сектор. Алармантиот податок на ревизорите е проследен со совет до институциите дека на финасирањето во овој сектор треба да гледаат како на инвестиција, а не на трошок.
„69.504 договори во вкупна вредност од 205 милијарди денари (над 3 милијарди евра), од кои само за набавки чии предмет на набавка е од областа на информациската безбедност, склучени се 283 договори со 61 економски оператор во вкупна вредност од 377 милиони денари, што претставува 0,18% од вкупната вредност на склучените договори“, соопштува ДЗР.
Во неколку наврати владниот врв во нападите препозна хибридна војна. На хакираниот владин сајт беа поставувани линкови за продажба на облека, а преку сајтот на Бирото за јавни набавки се копаа криптовалути. Меѓу хакерските напади загрижувачки долго траеше оној на Фондот за здравствено осигурување, а паднатиот сајт на Државната изборна комисија (2020 година) во моментот кога требаше да се објават првичните резултати од предвремените параламентарни избори разбуди сериозни сомнежи за местење резултати.
Со сајбер напади се соочија и Министерствата за образование и за земјоделство,а некои хакерски подвизи воопшто не се регистрирани, бидејќи нема правна регулатива за задолжително пријавување.
Дестан Јонузи