Централната изборна комисија со задоволство контатира дека имаме кредибилен и демократски процес за избор на претседател на СДСМ. Гласањето и целиот процес се одвиваа непречено и мирно, во фер и демократска атмосфера. Од вкупно запишаните во избирачкиот список за избор на претседател на СДСМ, до 19.45 часот излезени се 12.608 членови или 54%, соопшти Викторија Аврамовска – Мадиќ, претседателка на ЦИК на СДСМ.
Сепак, Јован Деспотовски, излезе со остри критички забелешки за изборниот процес, објави ЦИВИЛ МЕДИА.
На почетокот на својата изјава, Деспотовски истакна дека СДСМ е единствената партија и во земјава, и во регионот, која има широк модел за избор на претседател. Со тоа треба да ја покаже својата големина и демократски капацитет.
„Но, тој демократски капацитет денес, но и во деновите што следат треба да биде докажан и потврден“, изјави Деспотовски и притоа срдечно им заблагодари на сите што придонесоа кон изборниот процес, како и на сите членови на партијата кои излегоа да гласаат. Тој им се заблагодари и на „сите оние кои излегоа, дојдоа на избирачките места но од различни причини не им беше овозможено да гласаат“.
Деспотовски ги изнесе своите критики преку две клучни прашања до Централната изборна комисија и партиските органи:
- Како ни се случи над 10.000 наши членови кои се регистрирале за гласање односно изразиле инцијатива да учествуваат во изборниот процесот не можеа, односно не го остварија своето право на глас денеска?
- Како ни се случи на голем број на наши членови кои беа уредно регистрирани и дојдоа на избирачките места да не им е овозможено правото на глас?
„На овие две клучни прашања, но и на останатите забелешки кои дојдоа од мрежата контролори низ цела држава, нашиот тим веќе утре ќе поднесе приговори. СДСМ мора многу сериозно да се позанимава и да одговори на овие прашања пред воопшто да се дефинира став во врска со овие избори“, изјави Деспотовски.