Луксузен хотел во Дубаи, вселенска опсерваторија во Кипар и контролен центар на турска соларна централа се меѓу повеќе од 220 проекти кои се во потесниот избор за посакуваната награда Светска зграда на годината, пишува Си-Ен-Ен.
Опфаќајќи 18 категории, од домување и канцеларии до здравствени установи и спортски објекти, потесниот избор беше објавен од организаторите на годишниот Светски фестивал на архитектурата (WAF).
Други значајни згради на овогодинешниот потесен избор ја вклучуваат новата австралиска амбасада во Вашингтон и неодамна проширениот Терминал 2 на аеродромот Чанги во Сингапур.
Сите финалисти ќе ги претстават своите проекти на 17-тото издание на фестивалот овој ноември. 175 делегати ќе гласаат за победниците во категориите, кои потоа ќе се натпреваруваат за титулата.
Минатогодишната најголема награда му беше доделена на интернат, во кинеската провинција Zhejiang, кој има парк на покривот, куќички на дрвја и издигнати патеки кои формираат „пловечка шума“. Претходните победници на Светската зграда на годината го вклучуваат Националниот музеј на уметностите на XXI век дизајниран од Zaha Hadid во Рим, електрана за енергија од отпад со скијачка патека на покривот во Копенхаген и „надградената“ кула Quay Quarter во Сиднеј, која на локацијата задржа две -третини од стар облакодер.
Скролајте надолу за да видите избор од овогодинешните номинирани.
Програмскиот директор на WAF, Paul Finch, рече дека натпреварот во 2024 година привлече „уште еден прекрасен сет на пријавени“ што „го направија потесниот избор за проектите тежок процес“.