Инспектори од Служба за мобилни скенери спречија нелегален изнес на девизи на граничен премин Блаце во износ од 7.800 евра, откако при контрола на патник открија поголема сума непријавени девизи, соопшти Царинската управа.
Лицето, како што се наведува во соопштението, е македонски државјанин кој патувал со автомобил со чешки регистарски таблички. На прашање на царинските инспектори дали има нешто да пријави тој одговорил дека нема ништо, при што е извршена контрола на возилото каде во неговата ташна се пронајдени вкупно 9.800 евра. Согласно Законот за девизно работење на патникот му се вратени 2000 евра, што македонски државјани можат да ги изнесат од државата без да ги пријават, а останатите се задржани.
Против лицето е поднесена пријава за девизен прекршок.
Од Царинската управа ги известуваат граѓаните дека при излез од државата можат да носат ефективни странски пари во износ од 2 илјади евра по лице. Доколку изнесуваат девизи во износ од над 2 илјади евра, должни се да ги пријават на царинскиот орган со презентирање на потврда од банка или менувачница. Девизи во вредност од над 10 илјади евра не е дозволено да се изнесуваат.