Од коалицијата „ВЛЕН“ соопштија дека се во фаза на почетна постапка за формирање албанска Академија на науките и уметностите, што предизвика бурни реакции од сите политички партии во земјата, вклучително и нивниот партнер во владата, ВМРО-ДПМНЕ.
Според изјавите на лидерите од партиите од коалицијата ВЛЕН, постапката би започнала првично со финансиска поддршка од одредени општини, за потоа да се донесе закон, и да се преговара.
Лидерот на Демократско движење, и актуелен вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, изјави дека формирањето албанска академија на науката и уметностите, покрај постоечката МАНУ, е предизвик за кој се отвора прашање и треба да се најде заедничко решение.
„Државата ќе има подобра перспектива со што е можно повеќе академици и научници. Реторичко прашање ќе поставам, зошто во МАНУ нема ниту еден вработен Албанец? 2024 година, дали втората заедница нема луѓе за во МАНУ? Ова е предизвик, отвораме прашање и заедно треба да најдеме решение“, вели Меџити.
Министерот за здравство и лидерот на едното крило од Алијанса за Албанците, Арбен Таравари денеска изјави дека идејата за албанската академија за науки и уметности било програмска определба на „ВЛЕН“ во текот на кампањата за претседателските и парламентарните избори.
Според Таравари, сите идеи кои се однесуваат на науката и уметноста се добри и засега, како што рече, започнале како иницијатива во четири општини, а за понатаму сакаат да најдат решение кое е прифатливо за сите граѓани во земјава.
„На почеток, оваа академија ќе биде поддржана од општините. Во меѓувреме сè додека не најдеме законски решенија таа да функционира во согласност со законот, и поддржана финансиски од буџетот, односно од јавните пари.
Ова е еден чекор, за да покажеме дека Албанците како важен дел на оваа држава, можат да придонесат и во науката, може да придонесат и во уметноста и во сите области на ова општество затоа што цениме дека како втор поголема народ во државата имаме интелектуални капацитети за да основаме академија која ќе придонесе во сите овие области за кои ќе биде основана, изјави Билал Касами, претседател на Движење Беса во име на коалицијата „ВЛЕН“.
Реакции против
Поранешниот претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Владо Камбовски, е против идејата на „ВЛЕН“ за формирање на паралелна Албанска академија на науките и уметностите.
Во разговор за ТВ24, Камбовски рече дека таква структура е невозможно да постои во една држава, во која веќе постои МАНУ.
„Во една држава не може да има две национални академии. Во ниту една држава во светот не постојат две национални академии на науките и уметностите. Возможно е да се формираат, на пример, здравствени здруженија, но невозможно е да има две национални академии“, вели Камбовски.
„Науката е столб на напредокот и просперитетот на секое општество и затоа е исклучително важно да се зачува нејзината автономија и непристрасност.
Политизирањето на науката може да доведе до субјективност и пристрасност во истражувањата, што ќе го загрози нејзиниот кредибилитет и квалитет. Еден од главните аспекти на науката е нејзината способност да ги премостува разликите и да се фокусира на факти и докази, без оглед на етничката припадност на научниците, велат од ВМРО –ДПМНЕ.
„Не’ радува фактот што албанските партии во власта бараат свое место за Албанците во науката, тоа го поздравуваме и покажува разлика од тоа што го правеше ДУИ кои бараа места само во тендерски зделки и при тоа станаа зелена партија. Науката бара посветеност, напорна работа и високи академски стандарди, кои се основа за постигнување на извонредност и иновации.
Само преку строгите критериуми и мерила можеме да осигуриме дека најдобрите и најквалификуваните ќе ги водат нашите научни институции и ќе придонесуваат за нашето општество. Затоа, мораме да ги задржиме високите стандарди и да се осигуриме дека нашата Академија на науки останува репрезентативна и престижна, базирана на заслуги и академски достигнувања.
Ќе ги адресираме сите проблеми и предизвици во интерес на заедничката држава и заедничкиот патриотизам, но никако на штета на заедничките институции туку во нив“, се наведува во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ велат дека МАНУ треба да биде институција која не смее да се партизира или да се злоупотребува од страна на поединци за дневно политички потреби. Од таму прашуваат дали актуелниот премиер Мицкоски, претходно се договорил со лидерите од партнерската коалиција ВЛЕН.
„Она што треба јавноста да го знае, е што ветил Мицкоски пред формирањето на Владата во однос на ова барање на ВЛЕН?
Ова не е прв пат ВЛЕН и нејзините лидери да ја споменуваат Албанската академија како проект, но Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ упорно си молчеа. Кои други барања кои се неприфатливи за мнозинството граѓани Мицкоски ги има одмолчано или ги има тајно прифатено?
Најголемите патриоти Мицкоски и Димитриевски заради комотна позиција во власта изгледа се правеле глуви на овие барања на ВЛЕН, а сега се обидуваат да поентираат со некакво неприфаќање. Прашање е само што ќе биде цената за тоа и дали под маса има испорачано друго барање доколу академијата не помине“, се наведува во соопштението на СДСМ.
„За 30 дена, нè вратија 30 години назад!“ се наведува во острата реакција од опозициската ДУИ.
„Во обид да покаже некакви резултати и да го запре слободниот пад кој ја понижува нацијата, Влен ја „основа“ „АКАДЕМИЈАТА“ на науките и уметностите која ќе ја финансираат, замислете, општините, единствен случај во светот, академско маало.
Така се случи со Музејот на слободата, Детскиот театар и десетици други општински импровизации кои служеа за општинска манипулација.
Наместо да го преземат претседавањето со Државната академија за наука и Уметност, да создадат простор за повеќе академици, да гласаат за законот што го предложивме додека го блокираа со ВМРО за правична и соодветна застапеност во МАНУ, тие дојдоа до „големата ОПШТИНСКА идеја“ што уште повеќе ги понижува Албанците, реагираат од ДУИ.
„Науката не смее да се политизира, ниту пак да се етницира, таа има своја генеза и континуитет. Ваквите обиди и идеи се резултат на постизборен популизам. Во Македонија постои МАНУ како една и единствена Академија која им припаѓа на сите и никаков паралелизам не е дозволен. Партнерите во власта од ВЛЕН, е потребно да се свртат кон економски раст и развој на државата, подобар живот на сите граѓани на Македонија и суштинска заложба во сузбивање на криминалот и корупцијата вклучувајќи ја и политичката корупција.
За тоа е потребна и понуда на кадри со чисто минато без криминал и опашки“, вели Максим Димитриевски, лидерот на ЗНАМ.
Во однос на реакциите од партнерите во владината коалиција, Таравари денеска изјави дека нема несогласувања во владината коалиција во однос на нивната идеја за албанската академија за науки и уметности, и нагласи дека тоа било програмска определба на „Вреди“ во текот на кампањата за претседателските и парламентарните избори.
И лидерот на ВМРО –ДПМНЕ денеска се изјасни по прашањето за несогласување помеѓу владините партнери, за што вели дека различните ставови се предизвик за коалицијата и стабилноста на истата, но и дека имаат искрена и принципиелна соработка со сите коалициски партнери.
„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, ние ја имаме Македонската академија на науките и уметностите, во чии рамки се собрани научниците од различна етничка припадност и треба да работиме во насока на збогатување на научната мисла, тоа е иднината, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со иницијативата на „Вреди“ за формирање албанска академија.“
Мицкоски нагласи дека иднината не е во поделби, туку во обединување.
– Иднината не е во поделби, туку иднината е во обединување, така што ценам дека треба да се развиваме во ова насока, рече тој.
За тоа дали ваквите различни ставови се предизвик за коалицијата и колку е таа стабилна, Мицкоски е со став дека имаат искрена и принципиелна соработка со сите коалициски партнери.
Д. Т. / Цивил Медиа