Сајбер напад извршен од Северна Македонија влијаел врз пренесувањето на резултатите од претседателските избори во Венецуела, тврди главниот обвинител, Тарек Вилијам Сааб, објави cooperativa.cl.
„Изборниот систем претрпел „напад од Северна Македонија“, чија намера била да „манипулира со резултатите“, но тој не успеал. Зад нападот стојат опозициската лидерка Марија Корина Мачадо и двајца други познати противници на венецуелската влада“, тврди Сааб.
Резултатите од одделни изборни единици наскоро ќе бидат објавени на интернет страницата на Изборната комисија, се вели од Обвинителството.
На прес-конференција Сааб рече дека неговата канцеларија пронашла прелиминарни докази за наводен обид за саботажа на изборниот систем на ЦНЕ што доаѓа од Северна Македонија, а зад која покрај Мачадо стоеле и „бегалците од правдата“ Лестер Толедо и Леополдо Лопез.
Ваквиот чин според обвинителот го забавил системот со кој се обработувале податоците при што двата табора објавија различни резултати со огромна разлика на изборите.
Како што објавија медиумите победник на изборите е актуелниот претседател Николас Мадуро кој е на власт веќе 11години, додека кандидатот на опозицијата Едмундо Гонзалез Урутија освоил 44 отсто.
Опозицијата го тврди спротивното, односно дека победил токму нивниот канидат со огромна разлика од 70 проценти од избрачите што излегоа на гласачките места.
Големи немири избиле во главниот град на Венецуела еден ден откако претседателот Николас Мадуро соопшти дека победил на изборите. Неколку илјади демонстранти се обиделе да се приближат до претседателската палата во главниот град Каракас, додека полицијата и војската одговориле со солзавец и гумени куршуми. „Би-би-си“ јавува дека на безбедносните сили им се придружиле левичарските паравоени формации кои се судриле со демонстрантите и блокираа многу патишта околу центарот на градот.
Тамошниот министер за одбрана, Владимир Падрино Лопез на социјалната мрежа „Х“ објави дека за време на немирите во Венецуела се повредени повеќе од 20 војници, од кои некои со прострелни рани.
Северна Македонија, односно Велес, кој има нешто повеќе од 45.000 жители, стана познат пред американските избори во 2016 година, кога светските медиуми открија дека во него се креирани повеќе од 100 политички веб-страници, каде се споделуваа лажни вести, кои ја фаворизираа политиката на Доналд Трамп.
Д. Муратов / ЦИВИЛ МЕДИА