Министерот за транспорт и врски Александар Николоски предлага да се донесат специјални закони за општините Центар и Карпош со кои ќе се затворат сите прашања со урбанистичкото планирање.
Предлогот го изнесе денеска на седницата на собраниската Комисија за транспорт, која го проследи во натамошна процедура Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка. Николоски соопшти и политичка заложба додека е тој министер на седница на Совет на Општина Карпош нема да дојде ниту еден урбанистички план кој е поврзан со станбено домување.
– Во општините Центар и Карпош се случуваше и се случува урбанистички хаос. Стојам на располагање да донесеме специјални закони за двете општини на ист начин како што направивме за градот Охрид, да ставиме јасни критериуми по кои ќе се развиваат и да ставиме забрана за градење да речеме во следните 20 години. Но, тоа да не биде лабилен мораториум како што направи Општина Центар па имаше мораториум за секаде освен за ул. „Козара“ и за „Дајмонд“. Не гледам дека некој во јавноста реагираше што се кренаа четири кули по 25 ката од страна на Лимак, но се реагира за многу други работи. Со овие специјални закони ќе го ограничиме развојот таму, но не може заради две општини во кои се случувал хаос во изминатиот период да ја казнуваме цела држава. Остатокот од државата мора да се развива, народот ни се исели и не смееме да продолжиме да функционираме на тој начин, рече Николоски.
Образложи дека целта на измената на Законот е да се подностави процедурата за изградба на училишта, градинки, амбуланти, болници и катни гаражи кои се целосно финансирани од Буџетот на државата или од буџетите на општините и се во целосна општинска или државна сопственост.
-Побрзо да се направат проектите со кои ќе може да се реализираат објектите. Тоа не значи дека воопшто нема да има процедура, туку таа ќе биде многу поедноставена, укажа Николоски.
Тој смета дека Законот за урбaнистичко планирање треба да претрпи сериозни измени во следниот период затоа што рече дека не е прилагоден на условите и времето, а за тоа би се дискутирало во широка јавна дебата со стручната јавност, невладините организации и сите засегнати. Овие измени, нагласи, се ноепходни, затоа што доколку не ги направиме сега паралелно со ребалансот на Буџетот општините нема да можат да ги трошат средствата за проектите.
Министерот Николоски рече дека втората измена од Законот која се однесува на одредбата со која е ставен рок од четири години во кој треба да се завршат сите постапки за донесување на урбанистичките планови, а ако не се завршат да се вратат од почеток, е веќе оспорена од Уставниот суд.
– Прашање на време е кога ќе ја прифати затоа што не можете со закон да креирате правна несигурност. Креираната правна несигурност е во три насоки. Прво, како е определен рокот од четири години, второ, кој вели дека планот мора да се донесе и како трето, во моментов преку 600 планови се заглавени и не се ниту напред ниту назад. Ниту јас како министер можам да ги прифатам, ниту да ги одбијам, ниту Министерството може да даде позитивно и негативно мислење. Свесен сум дека намерата била добра, но ова мора го затвориме правно што не значи, ова е мој политички став, дека тие планови ќе се донесат. Може да се донесат, а може и не, бидејќи има минимум два политички филтра – Министерството што го водам и општините, од кои во најголем дел ВМРО-ДПМНЕ и коалцијата има мнозинство, рече Николоски.
Со третата измена на законот појасни дека се брише правилото „молчењето е одобрување“ за урбанистичките планови, заради, како што рече, претходно дивеење на одредени општини, односно се јакнат ингеренците на Министерството за транспорт. – Веќе нема да се прават манипулации, да не речам „финти“, да се користи рокот од 20 дена. Досега законот велеше дека во рок од 20 дена доколку Министерството за транспорт не се произнесе во однос на конкретен урбанистички план се смета дека добил позитивно мислење. Тоа веќе нема да се случува, рече Николоски.
Во периодот од нелегално носење на тој план до периодот на стопирање, посочи министерот, таму се издавале градежни дозволи кои потоа не можеле да бидат укинати. Затоа оваа можност ја бришеме целосно за никому да не даваме креативни идеи како да го изигрува законот. Сега Министерството е основниот и главниот филтер за стопирање на сите процедури кои сметаме дека ќе го нарушуваат квалитетот на живеење, наведе Николоски.
Во случај на евентуален обид за незаконско носење на планови, најави дека во истиот момент кога ќе се случува седницата на општинскиот совет, „надвор ќе чекаат неколку инспектори од Министерството за внатрешни работи затоа што тоа е класична злоупотреба на службена положба и овластување“.
Тој праша и како е проблем да се градат катни гаражи во услови кога во половина држава тротоарите се окупирани со возила, потенцирајќи дека тоа ќе биде еден од начините на решавање на сообраќајниот хаос.
-Убеден сум дека измените на Законот се во целосна корист на општините и дека правиме исклучиво добра работа, рече Николоски.
Претставниците на Инцијативата О2 побараа законските измени да не се носат по скратена постапка, туку во редовна со широко вклучување на јавноста со оглед дека станува збор за обемен закон.
-И најмалите промени од овој закон на терен можат да влиајат многукратно во однос на хуманото живеење на граѓаните. Законот треба да оди во редовна постапка и да се вклучи и јавноста. Како О2 иницијатива подготвуваме одредени измени. Бидејќи е период на летни одмори многу од граѓаните и другите граѓански здруженија немаа време да ги видат сите промени за да можат да вклучат со свои забалешки, рече Невена Георгиевска од иницијативата О2.
Таа истакна дека целта е да се донесат измени кои ќе траат подолго за да не се повтори состојбата кога имаше над 30 промени на Законот за урбанистичко планирање за неколку години, а кои потоа, посочи, доведоа до она што го живееме денес во Скопје – преполни тротоа, се гради неплански, се зафаќаат сите јавни површини.
Иницијативата О2 веќе реагираше на предложените измени, порачувајќи дека „урбанистичките планови треба да воведат ред, а не хаос и оти не може да се дозволи изработка, спроведување на планови кои не се соодветни и изградба на објекти како катните гаражи без нив“.
„Се спомнуваат 600 урбанистички планови заглавени во постапка, а не се спомнува дека изработката на тие урбанистички планови трае повеќе од 4.5 години и тоа по стари неважечки закони и правилници, со неточни параметри, зошто за тој период имаме нови податоци од пописот, има изградени линиски центри чии параметри не биле вклучени во планирањето, а сепак ги искористиле најголем дел од ресурсите и сл. Она што министерството за транспорт, односно оваа Влада сака е овие несоодветни планови да си продолжат да се изработуваат според стари неважечки закони и правилници до недоглед и да се донесат со неточни параметри, врз чија основа утре ќе се гради, не земајќи ја предвид сегашната изменета состојба. Впрочем, сегашниот закон не е пречка, зошто е јасен дека сите тие планови ќе ПРОДОЛЖАТ да се изготвуваат според сегашниот закон, како што и треба. Дополнително, климатските промени сè по жестоко нè напаѓаат со секоја измината година и наместо да се ревидира она што е планирано од претходно, битно е само да се гради.
Се спомнува дека основна цел на измените е да се поедностават постапките во однос на градење и на катни гаражи. Она што се сака е да се гради без урбанистички план, само со проект, кој каде ќе му текне, без да се прашаат граѓаните кои живеат таму дали се согласуваат со локацијата, висината на градбата или не, без јавна анкета и без Советот на општина да има право да одлучи со гласање. Ова е отворање на врата на самоволие и хаос, кое не смее да се дозволи. Ајде тогаш да поедноставиме сè, ги укинеме урбанистичките планови и секој нека гради каде сака, како сака, колку сака. Не може под превезот на “јавен интерес” да се прави урбанистичко-градежен хаос.“, се наведува покрај другото во реакцијата од О2 Иницијатива.
Со реакција излезе и Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“– Скопје, и велат дека се спротивставуваат на измената на Законот за урбанизам по брза постапка.
„Ние во Гоу Грин сме загрижени за најновата предлог-измена на Законот за урбанизам која се носи по брза постапка, без соодветна јавна дебата и учество на засегнатите граѓани и граѓанскиот сектор. Оваа промена не само што го исклучува гласот на јавноста, туку и претставува закана за нашето јавно добро. Со оваа измена, ќе се овозможи уништување на јавни простори и непочитување на постоечките квалитетни законски решенија. Дополнително, изградбата на гаражи за автомобили ќе го зголеми бројот на возила на улиците, наместо да се поттикне користење на алтернативни и еколошки превозни средства“, реагираат од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“- Скопје.
Оттаму сметаат дека „ваквиот пристап не е во интерес на граѓаните и околината и се надеваме дека оваа измена на закон нема да биде изгласана“.
„Ако навистина министерот за транспорт сака да прави промени на законите, го советуваме да се фокусира на подобрување на велосипедската и пешачката инфраструктура. Овие промени треба да се спроведуваат со унифициран и универзален дизајн, што ќе го олесни користењето на алтернативни превозни средства и ќе придонесе за почист и попријатен град за сите нас“, се наведува во реакцијата од Гоу Грин.
СДСМ предлага да се донесе новиот Закон за градење и стопира постапката за измена на членови од Законот за урбанистичко планирање
Апелираме до парламентарното мнозинство да ја стопира постапката на измена на членовите 2, 7, 14, 15, 16 во новите измени на Законот за Урбанистичко планирање, реагираат од СДСМ во врска со измените на Законот за урбанистичко планирање, кој е ставен на седница во Собранието по скратена постапка.
„СДСМ повикува на отпочнување на собраниска постапка за донесување на новиот Закон за градење кој е веќе изработен во консултации со сите комори, здруженија, невладини организации, а помината е постапката на ЕНЕР. Постоечкиот закон за градење веќе е тешко применлив поради 34те измени законот. Само така процесот на урбанистичко планирање и процесот на градење ќе бидат синхронизорани во употребата, а со тоа ќе има јасна и транспарентна примена на двата сродни закони“, велат од СДСМ.
Оттаму нагласуваат дека СДСМ е против бришењето на одредби од членот 51, бидејќи со ова се отвора сериозна недореченост и можност за постапување на општините без контрола од министерството за транспорт, со што се губи двостепената контрола при носењето на урбанистичко планските документации – Локалната власт како изработувач и подносител на плановите и централната власт како контрола на процесот.
„СДСМ остро реагира на упадот во системот на урбанистичко планирање со вметнување на катните гаражи на ранг на примарна инфраструктурна мрежа кои ќе можат да бидат реализирани само врз база на Генерален урбанистички план без донесен Детален урбанистички план. Со ова се избегнува увид на јавноста и транспарентност во постапката, што е врвен приоритет за постигнување поквалитетно и хумано живеење при носењето на урбанистичките планови.
Тоа всушност е и целта на овој закон кој беше донесен во 2020 година преку јасни процедури и критериуми до похумано живеење.
СДСМ апелира тековните постапки на носење на урбанистичките планови кои се започнати по стариот Закон за просторно и урбанистичко планирање, а до денеска сеуште не се усвоени да бидат продолжени согласно процедурите од новиот Закон за урбанистичко планирање. Ова веќе е потврдено од Собранието во текот на оваа 2024 година преку автентичното толкување. СДСМ уште еднаш апелира да не се враќаме на примена на веќе непостоечки закон кој не е на сила веќе 4 години. Ова е важно за граѓаните и за општините“, се наведува во соопштението од СДСМ.