Францускиот претседател Емануел Макрон денеска го назначи поранешниот еврокомесар Мишел Барние за нов премиер.
Макрон побара од Барние, поранешниот преговарач на ЕУ за Брегзит, да „формира влада на национално единство во служба на земјата“, јавуваат француските медиуми.
Макрон пред именувањето се погрижи Барние целосно да ги исполни условите за стабилност и национално единство, пренесува „Паризијен“.
Претседателите на Европскиот парламент и на Европската комисија, Роберта Мецола и Урсула фон дер Лајен, му честитаа на Мишел Барние за неговото именување за премиер на Франција.
„На сите позиции што ги имаше, Барние се покажа како лидер со визија и пристап. Убедена сум дека ќе и биде од корист со своето искуство и знаење како премиер, искрени честитки, напиша Мецола на социјалната мрежа „Икс“.
„Знам дека Барние во срцето ги има интересите на Европа и Франција, што покажува неговото долгогодишно искуство. Му посакувам многу успех во новата мисија“, објави Фон дер Лајен на „Икс“ .