Семејството Стојановиќ, Суза и Јовица од Росоман се новите вредни земјоделци со кои сакаме да ве запознаеме. Тие имаат три деца и живеат од земјоделие, поточно од градинарски култури под фолии, лозје, а наскоро планираат да подигнат насад и со праски.
-Ние го имаме најубавото грозје во Росоман и пошироко, се пофали Јовица, а според она што го видовме и навистина е така. Стојановиќ користат и систем капка по капка, сами работат се и целата инвестиција е нивна.
„Тешко е да се живее од земјоделие, вложуваме многу труд и љубов, постојано сме зафатени, но работиме за нас“, велат тие, истакнувајќи дека многу го сакаат тоа што го работат, а во тоа можете да се уверите ако ги видите и само овие фотографии.
Во моментот се бере грозје, уште два дена една, па потоа почнуваат друга сорта, гроздоберот трае околу месец ипол, вообичаено, зависи од годината каква е и колку се родило. Оваа година започнале да берат на 7 август и најверојатно ќе берат до 15 или 20 септември, кога би требало да го завршат гродоберот.
Семејството се состои од седум члена, Суза и Јовица заедно со децата и родителите, иако едните мали, другите повозрасни, сепак сите помагаат, кој колку може. Најмногу помага највозрасната ќерка, оваа година наполнила 18 години и работи со многу труд и љубов.
Покрај грозјето имаат и градинарски култури под фолии, кромид, марула и розови домати.
Агротим: Воопшто не е лесно да се работи со земја, да се зависи од природата, но еве вие успевате. Каде го продавате сето тоа што го произведувате? Има ли откуп?
-Најголем дел оди за Бонита Прилеп, целото производство оди за нив, доматите, младиот кромид и дел од грозјето, имаме речиси десетгодишна соработка, на доверба, ни плаќаат редовно и се оди за нив. И дел од грозјето оди за нив, но сега првпат продадовме дел од грозјето и за Деспина комерц. Имаме 2 хектари лозје планираме да зголемиме и да насадиме уште еден хектар, вели Јовица Стојановиќ.
Агротим: Kако започнавте да ги произведувате овие култури? Од кога го работите сето ова?
-Од мали нозе работиме. Започнавме се сами, немаме ништо помош, се сами, од земјоделието што ќе заработиме – ќе вложиме и одрините што ги правевме се од нашите финансиии, немаме ништо користено, ни ИПАРД ни ништо. Сакавме да искористиме и ИПАРД ама на нас не ни одговараат условите. Сакам да зголемам, ама треба сами прво да инвестираме, а тоа не ни одговара. Ние не можеме да ги вложиме сите пари. Тешко е финансиски, како земаш така даваш и да беа малку поинакви условите, веднаш би искористил, но морам постепено, раскажува Јовица Стојановиќ.
Неговата сопруга вели дека можат да издржат финансиски, но е тешко.
„Од кога сме во брак постојано работиме. Претходно имавме праски, сега немаме но пак ќе почнеме и со праски, лозјето го имаме цело време.“.
Таа е оптимист и вели дека ќе можат да го издржат товарот финансиски, но доколку има можност и услови што ќе им одговараат полесно да вложат во нивната работа, ќе биде подобро да ја искористат и оваа можност.
„Мислам дека ќе можеме сами финансиски да успеееме, сега имаме 45 декари и сакаме се да затвориме со фолии, грозје и овоштарство. Нам ИПАРД не ни одговара, а сакавме да конкураме. Треба да ги дадеме парите, 20.000 евра, а ние од тие пари живееме, затоа работиме вака постепено, сами, како на рати ни излегува, но тоа е. Сакаме да зголемиме, но да мора вака постепено. Од целиот приход што ќе го земеме оваа година треба да оставиме за лозовиот насад прачки и овошни садници, па потоа другата година пак за тоа што треба следно, наеднаш не можеме да ги вложиме сите пари“, вели Суза Стојановиќ.
Агротим: Како сте задоволни од тоа што го работите? Ви се исплати ли трудот?
-Многу се скапи ѓубривата, материјалите, малку останува за нас, цените на тоа што го произведуваме се ниски. Треба повисоки цени во земјоделството за да бидеме посигурни. Минатата година доматот имаше убава цена, 60 денари од дома ни го купуваа, но годинава катастрофална цена – 25 денари, ништо не остана за нас. Грозјето и минатата и годинава има убава цена, добро е, од 40 до 50 денари за кило, ама треба да има добар род, да набереш повеќе килажа за да ти излезе корисно, ако немаш доволно грозје и тоа нема да ни се исплати, велат Стојановиќ.
Во моментот најмногу им треба атомизер и гарантирана цена за производите што ги произведуваат.
„Најмногу ни треба атомизер, ама многу се скапи, 5000 евра се, треба да вложам за атомизер и 5000 евра за прачки за лозје, така што оваа година имам 10.000 евра инвестиции само за тоа. Да имаше некаков ИПАРД што ни одговара нам еве за ова, ќе ни помогнеше многу, да насадеме уште насади, па потоа и ладилник да си направеме, така постепено можеме“, вели Јовица за она што во моментот најмногу им треба.
„Ние не произведуваме винско грозје, нашето грозје е трпезно, имаме убави италијански сорти, само цената да може да се одржува, да имаме подобра надеж дека ќе се продаде, инаку сме во неизвесност цело време, да биде произведено добро, да има многу и кога ќе дојде ред да се продаде е најтешко“, истакна Суза и дополни:
„Само да ни се гарантира цена. Кај нас цените ги диктираат локалните купувачи тие меѓу себе се договараат и како ќе се договорат така ќе биде, не им можеме ништо. Ние на највисоко ниво и ќе го сработиме и ќе го направиме, но никој не ни ја гарантира цената, веќе кога го имаме мора да го продадеме и да ни одговара и да не ни одговра цената. Можат да кажат цената ќе биде 20 денари и тоа е, мора да го дадеш, бидејќи во спротивно ќе треба да го фрлиме. Ќе биде убаво доколку државата може да ни ја гарантира и да се одржува цената. Тука процесот е најтежок, не знаеме дали ќе има или ќе нема откуп“, вели Суза која се уште се мисли дали и да се осигура како земјоделка бидејќи има две дипломи, но се уште е невработена. Убаво ми е и вака „Сам свој газда“, се пошегува таа, додаваќи дека планира да се осигура како земјоделка, ако има подобри услови.
Годинава во мај Јовица како земјоделец од Росоман и претставник од Македонија бил на семинар во Кипар каде што се зборувало за климатските промени од кои многу зависи неговата работа.
„Уште пет години максимално ќе може да произведуваме на отворено, сè ќе треба да се затвори. Многу е променета климата. Треба да финасираме и во градобијни мрежи и во заштита од сонце за грозјето. Значи сè мора да биде затворено и заштитено инаку понатаму и Сонцето и градот ќе бидат против нас“, вели Јовица кого го чекаат и овие предизвици за да го заштити својот влог и неговиот род.
Анета Тасова / Агротим