Влезниците за претстојното издание на традиционалниот Скопски џез фестивал, што годинава ќе се одржи од 17 до 20 октомври 2024 година, од денеска се достапни на билетарницaтa на Националната опера и балет и онлајн на МКтикетс.
Според програмата, Фестивалот годинава ќе го отвори популарната џез-пејачка и трикратната Греми лауреатка Сесил Меклорин Салвант од САД со нејзинио квартет во кој, меѓу другите, членува и еден од водечките американски џез-пијанисти, Саливан Фортнер.
– Опишана од Џеси Норман како „уникатен глас поткрепен со интелигенција и апсолутна музикалност“, Салвант се прослави со својата способност да откопува заборавени песни, оживувајќи ги со силни наративи, неочекувани пресврти и богата емоционална длабочина. Концертите на Сесил Меклорин Салвант се неповторливи доживувања, во кои таа покажува неверојатно чувство и талент за раскажување приказни, се вели во најавата за Фестивалот.
Фестивалската програма годинава, како што се наведува, е исклучително силна, внимателно селектирана и исполнета со низа ексклузивни настапи на некои од најголемите светски имиња на современиот џез и креативната музика денес. Ќе настапат „Next to Silence“, Rodrigo Amado Тhe Bridge, „The End“, David Virelles, Rob Mazurek Exploding Star Orchestra, Alabaster DePlume, Nicole Mitchell & Mark Sanders и Fire! Orchestra.
Во „Програма плус“ се предвидува промоција на CD: Next to Silence – ‘Ruh’, Rob Mazurek: Radical Chimeras – изложба, документарен филм „Miles Davis: Birth of the Cool“ и работилница за деца „Jazz for Kids“.