Цените нема да се замрзнат, туку ќе се ограничи бруто профитната маржа на стотина основни прехранбени производи до 10 отсто, соопшти денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Како што информира Дурмиши, за оваа мерка Владата најверојатно ќе дискутира на следната седница идната недела. Со мерката ќе бидат опфатени лебот, пекарски и млечни производи, овошје, зеленчук,…
-Оваа мерка ќе биде краткорочна и во сила еден месец. Праксата на нејзиното донесување ќе продолжи за новогодишните и сите следни празници, истакна министерот.
Законот за нефер трговски практики се очекува да стапи во сила кон крајот на овој месец и со тоа, рече министерот, дополнително треба да се намалат цените на производите.
Премиерот Христијан Мицкоски за Законот за нефер трговски практики што треба да стапи во сила од 28-ми овој месец, денеска рече дека доколку не добијат конечен став од бизнис секторот, ќе се оди според предвидената динамика.
До вторник треба да биде познато кои прехранбени производи ќе бидат опфатени со есенската потрошувачка кошница и дали ќе се оди со мерка за замрзнување на цените или за ограничување на маржите. На ова во изминатиот период работеше работна група со претставници од министерствата за економија, финансии и земјоделство.