Од почетокот на септември, ЦивилМедиа поставува ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ секој работен ден. За предизвиците на почетокот на школската година, пензиите, безбедноста на учениците, кој вистински владее со државата, интерпелацијата на Гаши, владиниот проект за 250 милиони евра за општинитe, националните координатори, Советот за безбедност на претседателката, игрите на среќа, дипломатскиот скандал во Бугарија, балансерот… Сето тоа се прашања што ги засегнуваат граѓанките и граѓаните, а на кои тие одговараат во коментари или, во случај да сакаат да останат анонимни, во пораки. Дел од тие прашања што ги постави Редакцијата доаѓаат токму од нив.
Безбедност на училиштата: Никој не е безбеден
На самиот почеток на учебната година, ЦивилМедиа го отвори прашањето дали и колку учениците се безбедни во и надвор од училиштата. Поттикнати од долгогодишното искуство кое покажува дека секоја учебна година е придружена со немили инциденти во кои учениците се инволвирани во појавите како што е булингот, но и често се вовлечени и во случаи на насилство, масовни тепачки, а како што добро се сеќава јавноста, и на киднапирање и убиства.
Фактот што тоа стана речиси секојдневна појава, како што беше и случајот вчера со нов вознемирувачки случај на насилство меѓу малолетници кога во близина на скопско училиште група тинејџери нападнале момче, кое во нападот било претепано и прободено со нож. Момчето е пренесено во Клиничкиот центар, каде му е укажана лекарска помош. Ова упатува на итна потреба од системско решение како да се обезбеди безбедноста на учениците во и надвор од училиштата.
На ова прашање одговори во коментари, а уште повеќе во пораки дадоа неколку десетици граѓан(к)и, меѓу кои посебно се издвојуваше коментарот: Не само учениците, денес никој не се чувствува безбедно!
Почеток на учебната година: Родителски маки големи
Се разбира, безбедноста не е единствениот проблем. Како за учениците, така и за родителите и наставниците секоја учебна година е нов предизвик. Почетокот на оваа учебна година го одбележа проблемот со учебниците, хигиената, целодневната настава, трошоците за „бесплатното школување“ со кои се соочуваат семејствата и низа други предизвици. Тоа го повлече прашањето за тоа кои се клучните проблеми на почетокот на учебната година на кое свој одговор дадоа, исто така, голем број граѓанки и граѓани.
Најилустративен одговор со кој се опфаќаат недостатоците во образовниот систем и последиците од нив го даде едне читател со заклучок: „Децата се припремаат за живот и свет како што бил во 20 век, а не за каков ќе биде на средината на 21 век“.
Нејаснотии околу покачувањето на пензиите
На првата владина седница донесена е одлука за линеарно зголемување на пензиите во септември од 2.500 денари. Второто покачување според одлуката на Владата ќе биде во март 2025 година за 2.500 денари.
Пензионерите беа збунети, со која пензија ќе го добијат тоа покачување, дали ќе биде еднократно или секој месец ќе добиваат дополнително 2.500, односно дали од март следната година пензијата ќе им се зголеми за 5.000 денари? Еден читател на ЦивилМедиа сугерираше прашање зошто не им се исплатени дополнителните 2.500 денари на пензионерите, што веднаш беше објавено на нашата медиумска платформа. И тоа прашање донесе низа одговори од читателската публика на ЦИВИЛ, но Редакцијата објави и низа вести, коментари и анализи на оваа тема (кликнете на пребарувањето со клучен збор „пензии“)
Национални координатори: Вдомување на партиските „социјални случаи“
Новата Влада како национални координатори ги назначи и Влатко Ѓорчев за национален координатор за демографија и млади, Павле Трајанов за национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот и Солза Грчева за национален координатор за реформи во високото образование. Ова беше актуелна тема во јавноста, па ЦивилМедиа ги праша граѓанките и граѓаните што мислат дали е потребна функцијата национални координатори.
Но, колку тие е се потребни и ефективни, покажаа коментарите и пораките на читателите на ЦивилМедиа, кои недвосмислено одговороија дека не само што не се потребни туку не се начисто и што тие коориднираат. Еден од најилустративните одговори од граѓаните беше дека „национални координатори се паралелна инситуција за вдомување на „социјалните случаи“ во ВМРО-ДПМНЕ“.
„Гордата“ македонска делегација пречекана без македонско знаме во Бугарија
Откако при посетата на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова на Софија и на фотографиите од средбата со бугарскиот претседател Румен Радев се виде дека во позадина го нема македонското знаме покрај бугарското и знамето на ЕУ, во јавноста се дигна голема галама.
Граѓаните го оценија како срамен и катастрофален скандалот на државната делегација во Бугарија, па одговарајќи на ПРАШАЊЕТО НА ДЕНОТ: Што мислите за скандалот на државната делегација во Бугарија? – се обидоа да го детектираат виновникот: „Народот нема што да мисли, нека му ја мисли ВМРО на следните избори“ и „за жал г-ѓа Гордана појма нема што треба да прави, ко изгубен Германец до сега во сите ситуации, само гафови, под итно треба да ја сменат“.
Советот за безбедност на Сиљановска Давкова – наградени противници на претходната влада
Претседателката на државата го комплетираше составот на Советот за безбедност со Малинка Ристевска Јорданова – експерт за евроинтеграции, Џевдет Хајредини – поранешен министер за финансии и Владимир Спиридонов – експерт за климатски промени.
Во коментарите и пораките што пристиганаа во редакцијата на ЦивилМедиа граѓанките и граѓаните искажаа незадоволство и се прашуваа што и кого ваквиот состав на Советот за безбедност ќе обезбедува.
Сумирајќи ги нивните одговори, можеме да заклучиме дека ако не се работи: Скриена камера да не е? или како што вели друг читател „Што ќе обезбедуваат кутрите?, тогаш општиот впечаток е дека се работи за „Циркусијада, катастрофа, награда за оние што ја критикуваа претходната Влада“.
Политичка злоупотреба: Меѓуетнички односи-алатка за дефокусирање на јавноста и манипулација со граѓаните
ЦивилМедиа го постави и прашањето: Дали и зошто политичарите ги злоупотребуваат верските чувства за создавање тензии?
Повод за прашањето беше случајот во село Галате, општина Врапчиште кога полицијата ги спречи граѓаните да ја исчистат и реновираат црквата Св. Петка, а потоа приведе дел од граѓаните кои упаднаа во општина Врапчиште, за на крај да ги ослободи.
Во пораките и коментарите кои ги упатија нашите читатели ваквиот развој на настаните толкуваат како обид за дефокусирање на јавноста или пак за манипулација со граѓаните, а често и како повод за меѓупартиски препукувања..
„Секогаш кога треба да се протне нешто на мала врата се прават меѓуетнички тензии за да се дефокусира јавноста!!! Верата и верските заедници се алатка за манипулација на „политичарите“, вели еден читател.
Проект од 250 милиони евра за општините – граѓаните скептици
Владата ќе им додели на општините 250 милиони евра за реализирање на нови градинки, училишта, улици, атмосферски и фекални канализации, спортски сали, водоводни мрежи и други проекти.
Грандиозноста на проектот и ентузијазмот со кој настапи Владата за да ги оправда изборните ветувања дека ќе работат во интерес на граѓаните, не ги воодушеви, ниту ги убеди токму граѓаните, барем оние кои коментираа на прашањето на денот на ЦивилМедиа.
„Корупција предизборна за локани избори“, „идат локални избори да градат – крадат и поткупуваат гласачи“, „Добра инекција пред локалните избори“, „Поткуп за избори, преваранти невидени, кој ќе го враќа кредитот, Мицкоски сигурно не“, беа дел од оценките на нашите читатели.
Што мислите за иницијативата на Левица за интерпелација на претседателот на Собранието Африм Гаши?
Барањето на Левица за интерпелација на собранискиот спикер Африм Гаши беше уште една жешка тема за која многу се зборуваше во јавноста. На пленарна седница во Собранието пратениците не ја поддржаа интерпелацијата. ЦивилМедиа следејќи ја темата ги праша граѓаните што мислат колку е издржано барањето на Левица за интерпелацијата на Гаши.
„Нека размислат сите пратеници зошто се случи интерпелација во сто дена нова власт“, вели еден читател решавајќи ја полемиката која настана дури и кај читателите на ЦивилМедиа за оправданоста на барањето за интерпелација. Во врска со оваа тема, ја издвојуваме и колумната од нашиот колега Џабир Дерала под наслов „СДСМ свртување во десно: Политички сојузништва што водат кон пропаст“.
Балансерот – алатка за правична застапеност или средство за злоупотреба?
Прашањето на денот за алатката алтката „балансер“ ја отвори пред читателките и читателите темата за која се произнесе и Уставниот суд. „Балансерот“, правна норма или алатка воведена во 2016 година за да се обезбеди правична застапеност на заедниците во институциите, според едни ја исполнува целта, а според други се злоупотребува затоа што, како што се тврди во дел од јавноста, етничката припадност е основен податок при вработувањето во јавната администрација.
Читателките и читателите пишуваа и за игрите на среќа, Законот за нефер трговски практики…
ЦивилМедиа ги праша граѓаните и за идеите за ограничување или забрана на игрите на среќа, но ги праша за мислење кој управува со државата, Мицкоски или крупниот бизнис, поттикнати од неодлучноста на Стопанска комора и бизнис заедницата околу Законот за нефер трговски практики донесен во март со одложена примена од 6 месеци.
Граѓаните даваат, но и бараат одговори
Одличниот одѕив граѓанките и граѓаните на иницијативата преку коментари или пораки (анонимно) покажува дека имаат потреба да се слушне нивниот глас и мислење за прашања кои се првенствено во нивен интерес и кои треба да бидат владин прв приоритет.
За тимот на ЦИВИЛ најважни во оваа иницијатива се одговорите што пристигнуваат во форма на јавни коментари или, кога луѓето сакаат да останат анонимни, во пораки на здружената ФБ страница на организацијата и медиумската платформа. Уште поважни се и прашањата кои граѓанките и граѓаните ги поставуваат барајќи одговор за прашања за кои надлежните органи не обезбедуваат информации.
Редакцијата ЦивилМедиа ги повикува сите засегнати да споделуваат и коментираат. Најдобрите одговори, вклучително и анонимните, ќе бидат објавени во посебен прилог ден потоа.
Биљана Јордановска / Цивил Медиа