Платата во ЈП Улица и патишта – Скопје не е исплатена за месец септември на вработените иако постои информација дека Град Скопје на ЈП Улици и патишта пред десетина дена префрлил повеќе од 40 милиони денари, реагираа со соопштение до медиумите. вработени во ЈП Улици и патишта.
Како што наведуваат во соопштението, новоназначениот ВД директор, Ванчо Умленски, наводно го преземал компјутерот од секторот за Финансии и сите средствата ги пренасочил на добавувачи, меѓу кои и 19 милиони денари на „Пуцко Петрол“, иако на вработените им се потребни 15 милиони денари за исплата на платите.
Оттаму велат дека „проблемите на вработените се постојани и постојано се соочуваме со притисоци. Во ноември минатата година, поради доцнење на платите, беше организиран штрајк, по што беа отпуштени тројца вработени. Иако Управниот одбор ги поништи отказите, ВД директорите сè уште не ги вратија на работа“.
„Вработените во ЈП Улици и патишта сега се плашат да штрајкуваат или јавно да го изразат своето незадоволство поради претходните искуства и тоа е причината заради која анонимно го испраќаме ова соопштение за јавност. Законскиот рок за исплата на платите е до 15-ти во месецот. Вработените се под административни забрани и со кредити во банките, што ја влошува нивната финансиска состојба. Поради недостаток на репроматеријали, најголемиот дел од вработените седат без работа, што дополнително го влошува работниот процес во претпријатието“, се вели во соопштението.