– Последната одлука на Уставниот суд за отпочнување на постапката за оцена на уставноста на одредбите кои се однесуваат на „припадност на заедницата“ во контекст на вработување во јавниот сектор, или соодветно укинување на „Балансерот“ е само почеток на уништувањето на меѓуетничките односи изградени со голема тешкотија, соопштуваат од ДУИ.
Оттаму велат дека „прашањето за укинување на „Балансерот“ ќе отвори и многу нови проблеми во наредниот период кои можат и ќе доведат до рушење на основните темели на Охридскиот договор“.
„А ова и сами да владеат, без Албанците ВМРО, ЗНАМ и Стоилковиќ немале да го постигнат. Жалосно е затоа што пропаѓањето на ОД се случува додека во Владата е и коалицијата која ги загуби изборите во албанскиот блок ВЛЕН, кои се заслепени од неколку владини функции. Но, еве што се случува кога ќе ја нарушите волјата на Албанците и без срам ќе станете вазал на ВМРО, против секој национален интерес. Веќе јавно е познато дека оваа моноетничка власт, без легитимитет на Албанците, сака да ја врати претходната нееднаквост, затоа ги прашуваме нивните вазали ВЛЕН, во овој дух како што течат работите, дали е следниот чекор констатацијата како „неуставна“ декларирањето на етничката припадност на кандидатите за пратеници? Затоа што на ова алудира Одлуката на Уставниот суд на „Декларацијата за етничка припадност ја нарушува слободата на граѓанинот“! Дали и вие ќе ја оправдате ваквата одлука, како што гласно со ВМРО и ЗНАМ ја оправдувате суспензијата на балансерот“, се наведува во соопштението од ДУИ.
Од коалиција ВЛЕН истакнуваат дека „досегашните злоупотреби на „Балансерот“ ќе се решат со Закон за правична застапеност“
– Стравот на ова криминализирано раководство на ДУИ од кривичен прогон ги тера да си даваат автоголови. Не постои поголема манипулација од тоа врхушката на ДУИ да го обвинува ВЛЕН за одлуки на Уставен Суд, чиј состав е избран на предлог и со согласност на Али Ахмети. Згора на тоа, иницијативата на Антикорупциска комисија за оспорување на вработувањата врз основа на Балансерот, односно по етничка припадност, е поднесена во време кога Нури Бајрами, баџанак на Талат Џафери е член на ДКСК, соопштуваат од ВЛЕН
Оттаму нагласуваат дека „ниту Артан Груби како тогашен Министер за политички систем и односи со заедниците не сакал да достави аргументи до Антикорупциската комисија за вработувањата на Албанците во администрацијата“.
„Значи, директен виновник за актуелната состојба со Балансерот се Артан Груби, Талат Џафери и Али Ахмети. Одлуката на овој состав на Уставен Суд оди на совеста на ова криминализирано раководство на ДУИ, кое во обид да се спаси од кривичен прогон за коруптивните зделки на поранешните функционери, очајно се обидува да предизвика меѓуетнички тензии лажно преставувајќи се како наводен спасител на Албанците. Се удираат со свој камен по главата. Се служат со приземни манипулации дека Албанците се институционализирани само кога криминалците од ДУИ се власт. Јавно прашуваме, има ли дно кое не може да пробиете? Како не ви е срам и арам до толку да го потценувате сопствениот народ? Зарем мислите дека Албанците за 80 дена од формирањето на новата Влада ќе ви ги простат гревовите и грабежот што им го направивте? Уште еднаш повторуваме, Коалицијата ВЛЕН е гаранција дека срамната одлука на Уставниот Суд за замрзнување на употребата на Балансерот нема да спречи вработување на Албанците во јавната администрација, бидејќи тоа е загарантирана Уставна категорија која произлегува од Охридскиот Рамковен договор. Досегашните злоупотреби на Балансерот со изјаснување на Македонци како Албанци за да се вработат по партиски клуч, ВЛЕН ќе го реши со Закон за правична застапеност, кој системски ќе им овозможи на Албанците вработувања во органите на државна управа врз основа на професионалност, а не заради партиска припадност. А ова криминализирано раководство на ДУИ ќе се соочи со правдата, и се додека не си замине од политиката и престане да ги држи во заложништво чесните партиски членови и симпатизери, само ќе продолжи да ја губи довербата на народот!“, се наведува во соопштението од ВЛЕН.
Уставниот суд донесе времена мерка за одредби од законот за вработени во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Правилникот за задолжителни елементи во јавниот оглас при вработување во јавен сектор што се однесуваат на етничката припадност, односно одредби од акти кои беа оспорени од страна на Државната комисија за спречување на корупција. До носење на конечна одлука од страна на Уставниот суд овие одредби нема да се применуваат.
– Судот ги оцени наводите на Комисијата како основани, но и ги прошири сомнежите за неуставноста и незаконитост и за други одредби и по сопствена иницијатива поведе постапка за одредби од истите закони но и за подзаконски акти кои произлегуваат од нив, рече Беловска.
Ј. Ѓ.