Изет Меџити во интервју за Радио слободна Европа јасно кажа дека постои коалициски договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН Законот за бранители (цитираме) „да остане заглавен“, истакнуваат СДСМ во соопштение.
Оттаму велат дека „после ова признание на Меџити многу очајно личат овие маневри на ВМРО-ДПМНЕ, наивно мисли дека може некако да се спаси затоа што ги излажаа бранителите на кои им ветуваа поддршка“.
„Токму Претседателот на Собранието, Африм Гаши, инаку коалициски партнер на Мицкоски, се уште одбива да ја свика надлежната Комисија и да го стави на дневен ред Законот за бранители. Иако има обврска согласно Деловникот. Пратеничката група на СДСМ веќе упати писмо до претседателот на Собранието, Африм Гаши, со кое регира за ова непостапување за Законот за бранители. Зошто сега ВМРО-ДПМНЕ сака да го спаси Гаши од одговорност и повторно да ја врати постапката назад? Нема потреба од очајни маневри, многу е едноставно. Наместо да коленичи Мицкоски нека го повика Гаши да ја свика комисијата и да го почитува собранискиот деловник. Носењето на Законот за бранители зависи од ВМРО-ДПМНЕ која има мнозинство во Собранието“, се нагласува во соопштението од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ претходно денеска ги повика пратениците од СДСМ кои се членови на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, да се потпишат на барањето до претседателката на Комисијата, Илире Даути од Европскиот фронт, да го стави Законот за бранителите на дневен ред.
– Ова барање е јавно предложено до пратеничката Славјанка и очекуваме одговор дали пратениците на СДСМ ќе се потпишат на истото и дали доколку претседателката на Комисијата Илире Даути не свика седница, ќе поднесат барање за нејзино разрешување или интерпелација. Заземавме став како пратеничка група да почекаме одговор до 15:30 часот денес, рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева на прес-конференција во законодавниот дом.