Фарма за слатководни сијамски крокодили во Тајланд, во областа Ламфун, усмрти 125 од овие влекачи, поради страв дека може да избегаат во поплавите во земјата и да го загрозат населението, според сопственикот на тоа чувалиште.
Сијамскиот крокодил може да порасне и до три метри. Се работи за ендемичен вид во Југоисточна Азија којшто е критично загрозен во дивината.
– Дождот ги еродираше ѕидовите на фармата и, за жал, моравме да убиеме 125 крокодили коишто ги одгледувавме 17 години… Контактирав и со властите за да ги сместиме овие влекачи во привремено засолниште додека трае поплавата, но барањето беше одбиено бидејќи животните биле преголеми, изјави сопственикот Натапак Хумкад.
Одгледувачот рече дека тој и неговите вработени ги убивале крокодилите со струја за да ги спречат да избегаат и заталкаат по селата, и слободно да ги напаѓаат селаните и добитокот.