Aмериканскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, неколку часа по иранскиот ракетен напад врз Израел разговараше со својот израелски колега Јоав Галант и притоа изјави дека Вашингтон е „во добра позиција“ да ги брани своите интереси на Блискиот Исток.
„Секретарот потврди дека САД остануваат добро позиционирани да го бранат американскиот персонал, сојузниците и партнерите од заканите од Иран и терористичките организации поддржани од Иран“, се наведува во соопштението на Пентагон, по телефонскиот разговор меѓу Остин и Галант.
По разговорот Остин на мрежата Х напиша дека САД и Израел ветија дека ќе останат во близок контакт.
Претходно вчера Иран истрела 180 балистички ракети кон Израел како одмазда за израелската воена кампања во Либан, во која загинаа стотици и раселени повеќе од еден милион лица.
Иран подоцна објави дека неговиот ракетен напад врз Израел е завршен, исклучувајќи ја можноста за натамошни провокации.
Во Израел досега не се пријавени случаи на повредени лица од ракетите, а Вашингтон иранскиот напад го оцени за „неуспешен“.