Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Mинистерката Весна Јаневска во обид да ги „ишка“ можните протести на наставниците, членови на СОНК, заради неисполнување на договорите за движење на платите, обелодени нешто што личи на јасна уцена. Имено, бидејќи синдикалците се незадоволни со одложување на покачувањето, што е трансферирано како ветено зголемување за следната година (нели, друга година си е нешто друго, односно ново усогласување на платите, како и со одредување на најниската плата во образованието), стана јасно дека следува штрајкувачки нокаут за владината разубавена сегашност. Посебен револт, но и исмејување отстрана имаше и резултатот на тет-а-тет согласноста на лидерот на СОНК Јаким Неделков преку неговиот потпис на договорот со одредување на најниската плата со „славните“ 0,7 отсто, со што во образованието се доби пониска сума од најниската плата, одредена на ниво на државата (!). Така се дојде до доста затегната ситуација на ниво на вработени во оваа дејност и власта. Наставниците решително најавија штрајк па сега Јаневска итро сака да ги заплаши.
Таа на малите екрани соопшти дека во образованието имало запишано 17 илјади ученици помалку, кумулирано седум години наназад. Пресметала таа дека ова значи дека дури 3.000 наставници се вишок, објави Слободен печат. Ова не може, а да не се сфати дека во СОНК можат да бираат – или штрајк, или наставниците ќе одат „на парови разбројс“!
Додуша, Јаневска нагласи дека тие во Владата имале на ум дека оние што се вишок ќе ги вработат во целодневната настава, односно – условно – второто полугодие за учениците, кога наставниците стануваат воспитувачи, а не предавачи. Но и тоа е некакво кусо јаже за оние кои се сметаат во овој миг за потенцијални жртви на таа рестрикција на платните списоци. Тие, пак, ќе се држат настрана, против повикот за штрајкување на колегите и ќе гледаат да го амортизираат незадоволството заради уште едно ветување на Јаневска. Згора на оние дадени во предизборниот период (учебници што доцнат, учење преку филмови што се гледаат на малите екрани и слично).
Дали оваа замисла како покритие за вршењето на притисок врз наставниот и друг училиштен персонал има било каква логика?
Имено, ако вишокот се гледа пред сè кај одделенијата со помал број ученици, тогаш жртвени јариња се наставниците во руралните средини, кои мака мачат да најдат доволен број на ученици, како резултат на неповолните демографски движења.
Јаневска вели некои одделенија имаат само 15 ученици. Притоа, се заборава дека државата има обврска да обезбеди школување и за децата од село! Од каде сега таа амнезија во поглед на правата на детето или од сметководствената логика за гледање на сè (значи низ призма на паричникот на државата) се гази основата смисла за постоење на образовниот процес.
Па госпоѓо министерке, денес е проблем да најдете некој кој би одел за просветар во селските училишта со сите тамошни услови, а не да му се бројат учениците!
Понатаму, во овој контекст треба да се гледа и примерот на Јаневска со целодневната настава како наводно решение за вишокот од 3.000 наставници. Не треба да ни ги отвора очите за работи што ние постарите родители, чии деца сега имаат свои ученици, порано се решаваше со двосменско работење – првата смена држи настава, а втората смена ги подготвува учениците за следниот училиштен ден. Во неделна смена на местата за наставниците. Родителите дома требаше да си носат готов, „инстант“ основец или средношколец.
Ама ова важи за училиштата со соодветни услови и се претпоставува само за градските образовни установи. Тоа секако прилично и ќе чини – за греењето, осветлувањето, потрошувачката на вода, а повеќе од вообичаено ќе го изгуби интересот на родителот за успехот на своето дете. Јаневска е патолог по професија, ама не и математичар, јасно. Како во онаа поговорка – „што ќе добиеш на мостот, ќе изгубиш …“. Посебно што мора да се обезбеди исхрана за учениците ако веќе тие треба да минат осум часа во клупите. Дали мензите не се дополнителен трошок? Или се ќе треба да го платат родителите во форма на две ужинки и слично?
На членовите на СОНК бргу ќе им стане јасно дека кај нас нема подготвеност за целодневна настава, но секогаш, како кога е ВМРО ДПМНЕ на власт, се отвораат сите опции за вршење на притисок врз синдикално организираното население, се газат нивните индивидуални и колективни права.
Впрочем, Јаневска веќе има еден огромен грев, надвор од било каква етика во врска со изгубените асистенти на децата – ученици со посебни потреби. Треба ли тука нешто да се објаснува? Тие ученици не можат да одат на настава без постоење на такви лица веќе 40-тина дена. Зошто?
На Јаневска која е надлежна за постоењето на една професија од понов датум малку ѝ се и сто дена за проблем кој мораше да го реши посовреме. И кој и не беше проблем, бидејќи тие деца веќе порано, во претходните влади и тогашните министри тоа прашање го апсолвираа. И требаше само еден летен месец за да обезбеди мирен континуитет на оние лица кои досега беа обучени асистенти. Требаше само да се распише оглас и тие да продолжат да ја обавуваат својата одговорна и пред сè хумана професија. Но, како што јавија повеќе извори во локалните ограноци на ВМРО-ДПМНЕ постоела голема турканица за нови вработувања токму како асистенти за децата со познат тип на проблеми!?
Ова секако објаснува сè, а министерката со лaги се обидуваше да ја стави таа караница зад параванот на сопствените мамења пред родителите на тие деца. Дури и оние родители кои имаа големо трпение сега јавно велат – нè излажаа. А веќе, нели, стана повеќе од јасно дека нешто крупно се случува на планот на нормалното одвивање на просветниот процес и дека Јаневска е очевидно корисен член на партиската братија кога се работи за чувствителни процеси.
Имено, таа веќе еднаш ја покажа својата нечувствителност, кога го прекина процесот на Попис на населението во октомври 2011 година, како прва во давањето оставки што во Комисијата, што се претвори потоа во лавина и пописот пропадна, па бевме една од двете држави во светот што немаа попис во траење од две децении. Јаневска не беше идеологот на „убивање“ на пописните активности – СЈО поведе постапка против Груевски и Ахмети – но се покажа како дисциплиниран извршител на упатствата од политичкиот врв.
И во овој свој првичен настап по станувањето министерка, во одработувањето на своите први 100 дена јасно покажа дека го прави она од што страда јавниот интерес (образованието, трипартизмот и грижата за децата со посебни потреби), ама турканиците за нови вработувања ѕиркаат од под закрила на интерните ветувања во партијата. И да се работеше за озборувања, ситуацијата сега е јасна.
Впрочем, од патолозите и се очекува да бидат отрпнати во обавувањето на некои непријатни работи, одбивни за обичниот свет.