Јужна Кореја постепено ќе презема контрамерки во согласност со нивото на воена соработка меѓу Русија и Северна Кореја, изјави денеска заменик-советникот за национална безбедност Ким Тае-Хјо, откако Сеул го обвини северниот сосед за испраќање војници во Русија за учество во војната во Украина.
По состанокот организиран од советникот за национална безбедност Шин Вон-сик, Ким го обвини Пјонгјанг дека се однесува како „криминална организација“ испраќајќи млади Севернокорејци да се борат во Русија.
Тој вети соработка со сојузниците за да се обезбедат контрамерки против воената соработка меѓу Северна Кореја и Русија.
Кабинетот на претседателот објави дека постои можност Јужна Кореја да и достави офанзивно оружје на Украина, пренесува Јонхап.
Јужнокорејската разузнавачка служба минатата недела објави дека Пјонгјанг испратил првичен контингент од 1.500 припадници на специјалните сили на Далечниот Исток на Русија за обука во локалните воени бази, додавајќи дека се очекува тие да бидат распоредени на активна должност во војната во Украина.
Јужнокорејската разузнавачка агенција, исто така, соопшти дека Северна Кореја планира да испрати околу 12.000 војници од специјалните сили за поддршка на Русија.
Јужна Кореја вчера го повика рускиот амбасадор во земјата за да му врачи протест поради распоредувањето севернокорејски војници во Русија за да и помогнат во војната против Украина.