Најмалку 26 луѓе го загубија животот во тропската бура „Трами“, која го погоди североисточниот брег на Филипините, а повеќе од 150.000 ги напуштија своите домови, потврдија официјални претставници.
Бурата, локално позната како силна тропска бура „Кристин“, донесе силен дожд на главниот остров Лузон, предизвикувајќи поплави и смртоносни одрони. Во невремето во изминатите неколку денови повеќето од жртвите се удавиле, а други го загубиле животот во лизгање на земјиштето во централниот регион Бикол, вклучително и градот Нага каде денеска беа пријавени 14 загинати.
Владата нареди бизнисите и училиштата погодени од невремето да се затворат во пресрет на силен дожд и поплави. Над 163.000 луѓе се засолниле во центрите за евакуација, објави Канцеларијата за цивилна заштита. Управата за цивилно воздухопловство денеска соопшти дека поради невремето се откажани најмалку десетина летови низ земјата.
Централната банка втор ден по ред го откажа тргувањето со девизи и монетарното работење.
На Филипините вообичаено секоја година има 20 тропски бури, кои носат обилни дождови и ветрови, како и смртоносни лизгања на земјиштето.