Шпанската метеоролошка агенција објави црвен аларм поради врнежи од дожд долж брегот на Хуелва во југозападниот дел на земјата.
Предупредувањето е во сила помеѓу 9 и 11:59 часот по локално време и предвидува акумулирани врнежи од 140мм во текот на 12 часа.
„Се проценува дека врнежите ќе продолжат со голем интензитет во предупредувачкото подрачје во текот на следните неколку часа“, се вели во објавата, пренесува Би-Би-Си.
Другите области на покраината се во „портокалова“ готовност.
Во последниот час, официјалниот профил на X за итни случаи во Андалузија го наведе предупредувањето – вклучително и дека регионите Арацена, Андевало и Кондадо имаат портокалово предупредување за дожд и жолто за бури.
Во раните утрински часови на истиот профил беше објавено „црвено предупредување“ кое во тој момент зафаќаше поголема површина. Тие побараа од луѓето да избегнуваат патување.
Додека операцијата за чистење во регионот на Валенсија продолжува утрово, градоначалничката на еден мал град во регионот повикува на поголема поддршка за нејзините граѓани.
Во разговор со шпанска радио станица, градоначалникот на Чива, Ампаро Форт, ги изложува размерите на уништувањето.
„Цели куќи исчезнаа“, вели таа. „Не знаеме дали се со или без луѓе.
Претседателката на Валенсија најави 250 милиони евра помош за погодените, но Форт ја нагласува потребата за итно помош во нејзината мала заедница.
„Продолжуваме да бараме храна и вода“, додава таа. „Ни треба млеко, пасирана храна за бебиња и постари лица.
Бројот на жртвите од поплавите во Шпанија како што беше соопштено вчера се искачи на 158.
Претходно шпанските медиуми јавија за најмалку 140 загинати како последица на природната катастрофа предизвикана од поројните дождови во источна Шпанија.
Најсмртоносните поројни поплави во Шпанија во модерната историја го зафатија источниот шпански регион Валенсија по поројните дождови во вторникот и средата, оставајќи ги патиштата и градовите под вода.
Ј. Ѓ.