Пропалестински напаѓачи повредиле 10 израелски фудбалски навивачи во Амстердам, по што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди испраќање спасувачки авиони за израелските граѓани во Холандија, пишува „Тајмс оф Израел“.
Напаѓачи кои извикувале „Ослободете ја Палестина“ вчера ги нападнале навивачите на Макаби од Тел Авив во Амстердам, од кои двајца се исчезнати, а 10 се повредени, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди да се испратат два спасувачки авиони за помош на израелските граѓани по нападот во Амстердам.
Министерството за национална безбедност на Израел ги повика своите граѓани во Амстердам да останат во хотелите додека трае истрагата.
Според израелскиот министер за безбедност Итамар Бен-Гвир, нападите биле мотивирани од антисемитизам, а жртвите, како што навел, биле нападнати „со голема суровост само поради нивната еврејска и израелска припадност“.
Засега не е познато што точно го поттикнало нападот, а израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар побарал од холандските власти да им помогнат на израелските граѓани безбедно да стигнат до аеродромот.
ДПА претходно јави дека по фудбалскиот натпревар во Лига Европа меѓу холандскиот прволигаш Ајакс Амстердам и Макаби Тел Авив синоќа се случиле жестоки судири меѓу пропалестински демонстранти и израелски навивачи.
Локалната полиција соопшти дека привела 57 лица, но не е откриена нивната националност или дали се фудбалски навивачи.