ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ ТРИЧКОВСКИ

Исчекувањето на она што ќе дојде не е повеќе надеж, туку страв

November 9, 2024 12:55
in ZOOM IN, ДЕНЕС, ПОЛИТИКА, ТРИЧКОВСКИ, ФРОНТ
Бранко Тричковски (фото: Чедо Поповски)

Бранко Тричковски (фото: Чедо Поповски)

Share on FacebookShare on Twitter

Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ

Сегашниов период е еден од оние во кои се губи сѐ она што се чини вистинска причина за живот и кој бара да се преиспита сѐ, за да не се загубиме во нередот и неизвесноста. Тоа што победите на авторитарните и националистички движења секаде ја уриваат надежта што ја полагавме во демократијата и мирољубивоста, само е еден дел од злото кое нѐ мачи: тоа е многу подлабоко и пораспространето. Можеме само да се запрашаме постои ли воопшто подрачје на јавниот и приватниот живот во кое самите извори на дејноста и надежите не се загадени со условите во кои живееме.

Работата веќе не се врши со свест за тоа дека сме корисни за општеството туку со понижувачко и мачно чувство дека ја имаме минливата наклоност на судбината во предноста што лишува многу човечки суштества со самото тоа што ние ја уживаме, а таа предност е работното место. И самите водачи на потфатот ја имаат изгубено наивната верба во неограничениот економски напредок, а замислуваа дека во тоа имаат мисионерска улога. Се чини дека техничкиот напредок не успеа, со оглед на тоа дека на масите наместо благосостојба им донесе физичка и духовна беда. Што се однесува до научниот напредок, тешко разбираме за што би служело знаењата да се трупаат на и така веќе преголемиот куп што не може да го опфати дури и мислата на стручњакот. Луѓето ги навикнува на лесноверност. И самата уметност претрпе противудар на општиот неред кој ја лишува од нејзината публика и го слабее нејзиниот занес. Конечно, семејниот живот е чиста мачнина откако општеството се затвори за младите. Генерацијата на која животот ѝ е нестрпливо исчекување на иднината, во целина, ширум светот живурка со свест дека нема никаква иднина и дека во нашиот свет за неа нема место. Впрочем, ако е тоа зло малку пожестоко за младите, тоа е заедничко за целото човештво на денешнината. Живееме во период кој е лишен од иднина. Исчекувањето на она што ќе дојде не е повеќе надеж, туку страв.

Често се повторува дека ситуацијата е објективно револуционерна и дека единствено недостасува „субјективен фактор“, како потполниот недостиг на сила која би можела да го преобрази системот, да не е белег на вистинската состојба чии корени мора да се бараат во структурата на самото општество. Затоа сегашниот период ни налага да собереме доволно интелектуална смелост за да се запрашаме дали е изразот револуција нешто друго, а не збор, има ли тој некоја содржина, не е ли тој едноставно една од бројните лаги што во својот развој ги подигнал капиталистичкиот систем, лага што со сегашната криза и натаму се разводенува.

Ова е речиси комплетниот воведен дел од есејот „Слободата и мачењето“ на Симон Вејл. Прв пат е објавен, ми се чини, во 1955 година во „Галимар“, а пишуван е пред Втората светска војна.

Си дозволив да го поместам тука и денеска од неколку причини: прво, ми се виде толку многу актуелен и свеж, како да е пишуван вчера, второ, затоа што, всушност, покажува дека светот веќе минувал низ безизлезности и депресивни расположенија и порано со тоа што фактот дека ние денеска расправаме во тој катастрофичен тон покажува, всушност, дека човекот ги совладувал и најтешките искушенија и дека тоа можеме да го сториме и ние и, трето, затоа што како и во други такви разгледи, се покажува дека тие ѝ  претходеле на некоја голема војна или биле израз на депресијата по големите војни. Што го релативизира оптимизмот на првите две забелешки.

И, конечно, сакам да се задржам на два момента од нејзиниот апел: да се преиспита сѐ за да не потонеме во неред и неизвесност и, второ, дисквалификацијата на револуцијата како решение кое тука и таму се заговара.

Да се преиспита сѐ за мене денеска значи да се преиспита феноменот на националните држави затоа што се исцрпени како историски феномен и во услови на криза се јавуваат како родно место на фашистички и други безумни тенденции и системи и, следно, да се преиспитаат некои битни елементи на демократијата затоа што новото време, технолошкиот и медиумски развој и менталните и карактерни промени кај човекот, ги деформираат тие постулати. Демократијата стана најголемиот непријател на самата себе. Принципот еден човек еден глас, да речеме, беше високо еманципативна димензија на политичкиот, социјалниот и културниот развој на човекот, но денеска се јавува како елемент на загроза на човекот, на неговата култура и на целата цивилизација, затоа што ги фаворизира неуките, луѓето со плитки хоризонти, односно манипулацијата со нив со што општите работи паѓаат во рацете на луѓе и структури и идеи кои го убиваат дострелот на цивилизацијата, се закануваат со општ крах, односно шират или безнадеж или лажна надеж. Тоа бара одредено усогласување на изборите со медиумската структура и култура и со општите промени. Вака како што денеска се поставени работите, изборите се чиста естрада на која победуваат критериуми кои со општото добро имаат само негативен однос. Лудиот секогаш има недостижна предност. Руралните средини против урбаните, образованите против необразованите, успешните против неуспешните, нација против нација, раса против раса. Строго ограничен и глупав однос кон миграциите. Неадекватен и недоволно успешен кон тероризмот. Кон меѓународниот правен поредок, исто така. Политиката е поразена како сериозна работа и на изборите се прикажува само преку својот забавен или застрашувачки мод на лаги и омрази. Го има загубено авторитетот и моралниот интегритет, а со тоа ги доведува во прашање смислата и опстојот на државите.

Насилството станува секојдневие.

Се разбира, мене ми е јасно дека сево ова делува ту мач футуристички и нереално, но тие реакции нема да го намалат стисокот на јажето на кое човекот го бесат социјалните мрежи, поразената политика и оглупавениот поединец кој мисли дека ќе се спаси ако стои на столчето на колективот.

И на крајот, го споделувам становиштето против револуциите. Што и тука во Нордот се заговара. Затоа што, како и Вејл, сметам дека се издувна цевка за бесот и гневот со многу жртви и дека по тоа „проветрување“, стариот систем продолжува да функционира.


Специјално за Првата линија. Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани.

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

Шест патници повредени по пожар во авион на „Рајанер“ во Палма де Мајорка

July 5, 2025

Мицкоски вели растел извозот, ќе имало повеќе пари за граѓаните

July 5, 2025

МЗ: Македонија меѓу првите држави со европски стандард во дигиталното здравство – „Жолто копче“

July 5, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Македонски државјанин загина во сообраќајка во Србија

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Шибај со демохристијанство и лажен морализам, удри по сиромашните и самците

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Османи: Владата направи огромна грешка што го постави македонскиот јазикот како алатка за дневна политика и популистичка егзибиција

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Мицкоски и рускиот ДУМА пратеник, тоа се тие афирматори на „данок на бездетност“

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Трамп не знаел дека навредливиот термин што го употребил во говорот се смета за антисемитски

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk