Северна Кореја го ратификуваше одбранбениот договор со Русија, со што е потврдено нивното зближување поради руската војна во Украина, јави денеска севернокорејската агенција КЦНА.
Договорот беше ратификуван во форма на декрет потпишан од севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во понеделникот, додаде КЦНА.
Минатиот викенд Кремљ објави дека рускиот претседател Владимир Путин потпишал договор за меѓусебна одбрана.
Договорот, потпишан во јуни од Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун по самитот во Пјонгјанг, предвидува взаемна помош на потписниците во случај на воен напад.
Горниот дом на рускиот Парламент неделава го ратификуваше договорот, додека Долниот дом го одобри уште минатиот месец.
Односите меѓу Москва и Пјонгјанг станаа поблиски по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Според извештаите од Јужна Кореја и западните земји, Северна Кореја ја снабдувала Русија со оружје.
Украинските форензички експерти велат дека на местата на руските напади пронашле траги од севернокорејско оружје.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот изјави дека Северна Кореја испратила 11.000 војници во Русија и дека некои севернокорејски сили претрпеле загуби во борбите со украинските сили во јужниот руски регион Курск.
Русија се уште не го потврди присуството на севернокорејски војници на нејзина територија.