На национална конференција за соработката помеѓу Владата и граѓанскиот сектор, министерката за образование и наука Весна Јаневска соопштила дека Министерството и Бирото за развој на образованието првпат годинава изработиле програма за учениците од седмо до деветто одделение, според која секој ученик е обврзан да учествува во општествено корисни активности со вкупно 30 часови годишно.
Како што информира МОН, министерката посочила дека целта на овие активности е да ја развијат свеста за заедницата, одговорноста кон општеството и емпатијата кај учениците.
-Програмата вклучува волонтерство и соработка со граѓански организации, а преку ваквиот ангажман учениците ќе учат како да придонесуваат за доброто на заедницата, што е важно за нивниот личен развој и граѓанска одговорност, рекла Јаневска на конференцијата организирана од „Цивика Мобилитас“ и со поддршка од Швајцарската амбасада.
Од следната година, посочила Јаневска, програма за општествено корисни активности ќе се изработи и за учениците од гимназиите, „со оглед на тоа што гимназиското образование е во процес на реформирање“.
На прашање како МОН планира да ги вклучи граѓанските организации во развојот, спроведувањето и следењето на новата Национална стратегија за образование за 2026 година, министерката одговорила дека граѓанските здруженија се веќе вклучени во процес кој претходи на пишувањето на Националната стратегија.
-Досега се сретнав со 50-ина граѓански здруженија и со сите дискутираме за предизвиците кои ги засегаат оние кои тие ги застапуваат како организации. За секој предизвик оформуваме одговори во вид на мерки, проекти, активности, законски измени и слично. Дел од нив се веднаш спроведливи, дел, пак, ќе бидат интегрирани во стратешки документи како што е Националната стратегија. Комуникацијата со здруженијата ни е особено важна, додала Јаневска.
Посочила и дека сите општествени чинители имаат подеднаква одговорност во градењето квалитетен образовен систем и затоа се заложува за уште поинтензивна соработка со граѓанскиот сектор.