Со повеќе работни активности и свечености, деновиве во Белград и во Ужице, Србија, со присуство на голем број гости од повеќе земји се одбележува 20-годишнината на Меѓународната асоцијација „Форум на словенски култури“. Дел од неа е и проектот „100 словенски романи“ во чии рамки националните литератури на девет словенски земји членки на издавачкиот проект, меѓу кои и Северна Македонија, меѓусебно ги објавуваат избраните книги.
Во тие рамки, како што е наведува во соопштението, на посебна програма во Ужице, годинашен српски Град на културата, се претставија книжевните портрети на пет истакнати писатели, словенечкиот автор Владо Жабот, македонскиот прозаист Томислав Османли, бугарската авторка Здравка Евтимова, како и српските писатели Владан Матијевиќ и Петар Матовиќ.
Модератор на книжевниот настан што се одржа во Народната библиотека на Ужице, е српскиот автор и критичар Младен Весковиќ, инаку главен и одговорен уредник на издавачкиот одбор на меѓународната едиција „100 словенски романи“. Пред многубројната публика, се претставија најнапред со читања одломки од сопствените романи, секој на својот јазик и низ актерски интерпретации на нивни дела и на српски јазик, а потоа и со искази за својата литературна дејност.
Османли, како што ќе посочи, прочитал фрагмент од својот роман „Бродот. Конзархија“ со поднаслов „Холограф“ кој во 2016 година го објави македонскиот издавач „Магор“, во 2022 српскиот издавач „Агора“ од Нови Сад, а годинава и московскиот издавач „Рудомино“. На српски јазик беше прочитана и одломка од неговиот роман “Зад аголот”. Инаку, двата романа на Томислав Османли, покрај македонските, доживеаа повеќе позитивни критички огласи, како во Србија, така неодамна и во Русија.