Македонската фудбалска репрезентација денес ги завршува настапите во групата од Ц-сегментот на Лигата на нации.
На Националната арена „Тодор Проески“ попладне од 15 часот гостува селекцијата на Фарски Острови.
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски посакува со победа да ја заврши групната фаза во Лигата на нации.
– Сакаме со победа да ги завршиме натпреварите во групата. Нема да биде лесно, бидејќи Фарски Острови покажаа дека се квалитетна репрезентација. Ние, иако го обезбедивме првото место, имаме цел да освоиме што повеќе бодови и со тоа да сме што подобропласирани во пресрет на баражот за пласман на Светското првенство 2026, изјави Милевски на вчерашната прес-конференцијата.
Напаѓачот Александар Трајковски верува дека може да се продолжи победничката серија која трае четири натпревари.
– Постои мал замор бидејќи играме во три дена два натпревари, но не е прв пат да имаме ваков ритам. Секогаш сакаме да го дадеме најдоброто од себе и наша цел е со победа да го завршиме ова издание во Лига на нации. Треба да бидеме фокусирани и доколку го дадеме максимумот сметам дека може да ја оствариме целта и три бода, изјави Трајковски.
Во пресрет на натпреварите од 6. коло, Македонија е лидер во групата со 13 бодови, Фарски Острови имаат 6, Ерменија и Летонија по 3. з