Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили денеска официјално побара од Уставниот суд да ги поништи резултатите од парламентарните избори на кои победи владејачката партија, а кои опозицијата ги смета за наместени, изјави нејзината адвокатка.
„Претседателлата поднесе жалба до Уставниот суд и побара да се поништат резултатите од парламентарните избори на 26 октомври, поради општото кршење на универзалноста и тајноста на гласањето“, рече Ека Беселија, која пред судот ја застапува прозападната претседателка.
Претседателката на државата Саломе Зурабишвили ги отфрла официјалните резултати и смета дека Грузија е жртва на руски притисок за да не влезе во Европската унија. Таа вчера најави дека ќе поднесе жалба до Уставниот суд со тврдење дека се прекршени два основни принципа загарантирани со Уставот – тајноста на гласањето и универзалноста.
Победата на владејачката партија Грузиски сон (53,93 отсто), со која таа обезбеди 89 од 150 места во Парламентот, во саботата ја потврди Изборната комисија. Според тие резултати, сојузот на прозападните опозициски партии освоил 37,79 отсто од гласовите. Но, опозицијата смета дека станува збор за измама, а западните амбасади и ЕУ побараа истраги за наводите за нерегуларности.
Официјалната потврда на спорните резултати во саботата доведе до протести на граѓаните поради, како што сметаат, украдените избори.
Полицијата во Тбилиси рано утринава го растури шаторскиот камп што демонстрантите го поставија на главната улица во знак на протест поради резултатите од парламентарните избори минатиот месец и бараат ново гласање.