Владата на Република Северна Македонија ја поддржа кандидатурата на Радмила Шеќеринска за заменик генерален секретар на НАТО, откри денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски кој на денешната прес-конференција одговараше на новинарски прашања. Забележа дека не е тајна дека во минатото и до денеска можеби имаат многу концептуални разлики кога станува збор за сегашноста, справувањето со реалните проблеми, политиките, идеолошки разлики, бидејќи доаѓаат од различки политички семејства.
-Како Влада имавме пред нас би рекол предизвик за одлука, а тоа беше кој и како да го поддржиме за заменик генерален секретар на НАТО, имајќи в предвид дека таму имаше кандидати од неколку земји и ние тука немавме никаква дилема. Зошто? Прво, затоа што повикуваме често пати на единство, повикуваме на дијалог со опозицијата и доколку повикувате, а тоа не го правите на дела, тогаш сте лицемерни. Така што ние како Влада не само што ја поддржавме кандидатурата на Радмила Шеќеринска, туку и активно разговаравме со нашите сојузници, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека за Владата националното единство и националните интереси се пред и над партиските.
-Да се има Македонка во случајов заменик-генерален секретар на најмоќната и најдобро организираната воена алијанса во светската историја е навистина чест и тука ниту јас имав дилема, ниту ние како Влада, коишто бевме вклучени во овој процес дека треба да ја поддржиме кандидатурата и добро е што успешно се заврши, изјави Мицкоски.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Мицкоски додаде дека во текот на вчерашниот ден телефонски се слушнал со Радмила Шекеринска и какошто рече „разговараме нема дилема дека треба заедно да соработуваме и дека треба да направиме се што е во наша моќ да помогнеме на македонската Армија и со тоа да помогнеме за безбедноста и сето она што им е потребно на македонските граѓани“.