Директорот на Агенцијата на Обединетите нации за помош за палестинските бегалци (УНРВА), Филипе Лазарини рече дека Појасот Газа се претворил во „гробишта“ за деца, а палестинските деца се „на работ да станат изгубена генерација“.
„Ги убиваат, повредуваат, ги принудуваат да бегаат и лишени се од безбедност, образование и игра. Детството им е украдено и тие се на работ да станат изгубена генерација, бидејќи изгубија уште една учебна година“, рече Лазарини во изјава по повод Светскиот ден на детето, кој се одбележува на 20 ноември.
Тој, исто така, истакна дека децата на окупираниот Западен Брег се соочуваат со постојан страв и вознемиреност поради зголемувањето на насилството на таа палестинска територија од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година.
Палестинските групи вчера повикаа на меѓународна акција за заштита на децата во Газа и на Западниот брег, укажувајќи на „катастрофалните хуманитарни услови“.