Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја осуди како „антисемитска“ одлуката на Меѓународниот кривичен суд да издаде налози за апсење поради воени злосторства против него и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант.
Тој рече дека МКС „лажно“ ги обвинува „за намерно гаѓање цивили, кога прави се што е во негова моќ за да се избегнат цивилни жртви“.
МКС, исто така, издаде налог за командантот на Хамас Мохамед Деиф. Израел тврди дека тој бил убиен во Газа во јули.
Судиите на МКС рекоа дека има „разумна основа“ да се верува дека тројцата мажи имаат „кривична одговорност“ за злосторства за време на војната меѓу Израел и Хамас.
И Израел и Хамас ги отфрлаат наводите на МКС.
Во изјавата во четвртокот, Нетанјаху рече:
– Антисемитската одлука на меѓународниот суд во Хаг е модерно судење на Драјфус и ќе заврши на ист начин. Судот во Хаг не обвинува за намерна политика на гладување. Ова се случува во време кога ја снабдивме Газа со 700.000 тони храна за да ги нахраниме жителите на Газа. Испраќаме милиони СМС пораки, телефонски повици, летоци до граѓаните на Газа за да ги извадиме од опасност – додека терористите на Хамас прават се во нивната моќ да ги задржав во опасност, вклучително и пукање во нив, користење како човечки штит, се вели во изјавата на Нетанјаху.
Нетанјаху рече дека Израел „нема да ја признае валидноста“ на одлуката на МКС.
ОН и оваа недела предупредија дека Палестинците „се соочуваат со сè помали услови за преживување“ во делови од северна Газа кои се под опсада на израелските сили, бидејќи практично не била доставена помош во последните 40 дена.
Младиот артилериски капетан од еврејско потекло Алфред Драјфус во 1894 бил осуден на доживотен затвор за предавство иако немало доволно докази за тоа. Две години подоцна, во 1896 бил откриен вистинскиот виновник – мајорот Фердинанд Валсин Естерхази.