Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ изјави дека сега не е моментот за реконструкција на Владата и дека во вторник ќе соопшти кој од министрите ќе ги преземе министерствата предводени од Горан Весиќ и Томислав Момировиќ, кои поднесоа оставки поради трагедијата во Нови Сад, а кои вчера Собранието ги прифати, јави дописникот на МИА од Белград.
-Ни претстои пат да поставиме двајца нови министри, а во вторник ќе кажам кој ќе ги преземе тие две министерства, додека не се изберат нови членови на Владата, изјави синоќа Вучевиќ за Јуроњуз.
Тој кажа дека тече рокот од 15 дена за предлог на нови министри и дека во тој период ќе разговара со претседателот Александар Вучиќ и партиските претставници.
-Мислам дека сега не е моментот за реконструкција на владата. Луѓето сакаат Србија да работи, без да се избегне прашањето за кривично-правна одговорност. Тоа не значи дека ќе се правиме да ништо не се случило на 1 ноември, но не можеме да останеме замрзнати затоа што некој гледа дека тоа е негова политичка шанса, истакна Вучевиќ.
Српските медиуми повикувајќи се на Танјуг сопштија дека министерствата што ги водеа Горан Весиќ и Томислав Момировиќ, кои поднесоа оставки, треба да ги преземат Дарко Глишиќ и Адријана Месаровиќ.
Министерот за јавни инвестиции Дарко Глишиќ, до изборот на нови министри ќе го преземе секторот на Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура со кое досега раководеше Горан Весиќ, кој е во притвор во рамки на истрагата за несреќата на Железничката станица во Нови Сад.
Наместо Томислав Момировиќ, кој исто така поднесе оставка, ресорот во Министерството за внатрешна и надворешна трговија најверојатно ќе го преземе министерката за економија Адријана Месаровиќ.