Владата на Косово го усвои денеска Нацрт-законот за Медитеранските игри кои ќе се организираат во косовската престолнина во 2030 година, со кој се предвидува организирањето на тој спортски настан да биде прогласено за прашање од особено значење за државата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Заменичката-министер за спорт, Даулина Османи, претставувајќи го нацрт-законот рече дека тој доаѓа како „резултат на длабока анализа на локалната правна рамка и меѓународните практики на организирање слични мултиспортски настани“.
„Со усвојувањето на овој нацрт-закон, Медитеранските игри се прогласени за прашање од посебен интерес за Република Косово, одразувајќи го стратешкото значење што овој проект го има за нашата земја“, рече Османи.
Со нацрт-законот се формира Организациски комитет на Медитеранските игри 2030, како независна структура со статус на невладина фондација задолжена да ја води активноста.
Претседател на Комитетот ќе биде косовскиот премиер, Албин Курти, кој рече дека преку организацијата на овој настан Косово ќе добие модерна спортска инфраструктура, но и ќе се промовира на меѓународната сцена.
„Медитеранските игри ‘Приштина 2030’ се најголемиот спортски настан во земјата и регионот и преку инвестиции директно ќе придонесе за подобрување и унапредување на спортската инфраструктура, додека преку гостопримството ќе придонесе за меѓународно претставување и промоција на нашата република“, рече Курти.
Приштина го доби правото да ги организира Медитеранските игри на Генералното собрание на Меѓународниот комитет на Медитеранските игри што се одржа во Грција во септември минатата година.