БЈРМ беше последната југословенска караула во Западниот Балкан. Северна Македонија е во јужното крило на НАТО и транзитна позадина на неговото источно крило, вели Ивон Величковски, лидер на Движење за нова република и исто така поранешен пратеник, на трибината „Размислувања за иднината на Северна Македонија“, во организација на Странка на Демократска акција (СДА) на Македонија.
Честитајќи им го Денот на знамето на сограѓаните – Албанци во свое и во име на учесниците на дебатата, би започнал со констатацијата дека иднината на Северна Македонија е соочена со два пристапи:
– Актуелниот – на држење на земјата во полузамрзната состојба на поранешна југословенска република и клин на „српскиот свет“ во евроатланскиот простор, и
– Потребниот – на нација со полн капацитет, земја-членка на НАТО и идна членка на Европската Унија.
Како последица на политика без државништво со т.н. „државотворни“ партии, поставени се трендови и сетирани се правци на партиите и структурите – а не на граѓаните – како услов за неуспешноста на нацијата на Северна Македонија.
Во тој проект наметнато е чувство на немоќ и конфликтност кон сите во земјата и околината.
Врз основа на тоа подметнат е еден „стандард“ на моноетничка, монојазична, монокултурна, моноверска нација којашто е неодржлива, особено во модерна Европа на XXI век.
Токму врз таа проектирана исклучивост е создадена основата за спорење на трите темелни документи од меѓународно и национално значење, а тоа се Рамковниот договор, Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција.
Но, тука е основата на партиско-медиумската непомирливост кон овие три темелни документи бидејќи тие всушност ја засилуваат, ополномоштуваат нацијата на Северна Македонија и низ неа – македонскиот народ како гарант и корисник на рамноправноста со своите сограѓани.
Кога ова ќе го разбереме, многу лесно можеме да влеземе во вториот пристап – концепт на иднината на Северна Македонија.
И кога вака ќе погледнеме, многу е јасно со што сме соочени во политиките на Владата и спротивставени во нејзините политики.
Евроинтеграциите се избор на нацијата и затоа Владата ќе се обидува да ги прекине, обидувајќи се и да се спротивстави на концептот на нацијата. Таа тоа впрочем веќе и го прави.
По decoupling-от од Албанија, целта и е Северна Македонија да остане на „листа на чекање“ со Србија, но да не го „фати возот“ заедно со Албанија и Црна Гора.
Притоа, да не влијае врз генералниот регионален контекст и да не влијае позитивно врз интеграциите и на Косово и на Босна и Херцеговина.
Затоа може да претпоставиме дека инсистирањето на „црвени линии“ и барањето “гаранции“ како вештачки теми ќе траат се до првата посериозна економска нестабилност или економска слабост на Владата бидејќи:
– Унгарските и кинеските кредити не можат да ги заменат неповратните помошти и кредитите од ЕУ;
– Не може да се заменат американскиот, британскиот и европскиот пазар каде над 90 % од нашите извозни производи завршуваат со други пазари;
– Деиндустријализацијата на Северна Македонија веќе не е процес туку фактичка состојба. Во такви околности државата нема никаква логика и економијата нема било каква смисла да се труди да остане во проекцијата за „српски економски и политички свет“ заедно со Република Српска – која што е денес наречена „Отворен Балкан“.
Во таа смисла многу е јасно дека Владата мора да го следи тој правец, затоа што очигледно има некаква претходна обврска.
Поведението на Мицкоски на винскиот фестивал минатата недела е јасно, исто како што е јасно дека како настануваат нестабилности во српското општество – така се зголемува бројот и коинцидираат со вински фестивали во Белград.
Затоа можеби треба да го посветиме најголемото внимание на одбранбено-безбедносната компонента и улогата што Северна Македонија ќе ја има во евроатланскиот простор низ призма на Источниот Медитеран и Црното Море.
Сметам дека Северна Македонија треба да се усогласи со еден од клучните приоритети на транс-атланската одбранбена политика и особено внимателно да ги следи приоритетите на надворешната политика на 47. Претседател на САД.
Низ оваа призма, станува појасна сликата на политичките процеси кај нашите соседи – особено сојузниците во НАТО – како динамиката во билатералните односи меѓу Грција и Турција, меѓу Бугарија и Грција, така и динамиката на регионалните односи и односите во секоја од земјите во регионот.
Забележуваме дека во овие динамики Северна Македонија безмалку програмирано отскокнува нарушувајќи ги со своето антагонизирање де кон Грција, де кон Бугарија, де кон Албанија, по потреба и нарачка.
Затоа е особено значајно да влеземе во адаптирање во транспортно-безбедносните инфраструктурни проекти, како што е Коридорот 8, но и инкорпорирањето во енергетските приоритети – бидејќи не смееме да ја заборавиме безбедносната компонента и тука.
На пример Владата не може да ја условува гасната интерконеција со Грција со продолжување на рутата кон Централна Европа, бидејќи за Северна Македонија интересот е да има пристап до гас и за нас приоритетот може да биде пристапот до гас на Скопје, Струга и Берово, а не на Сегедин, Будимпешта и Белград.
Но, кога зборуваме за Источниот Медитеран и Црното Море, мора да ја сфатиме улогата на Северна Македонија како коридор на НАТО и одговорноста на нашето државно лидерство да ги заврши обврските по коридорот како одговорност кон безбедноста на нацијата и одбраната на сојузниците – и поврзување на Италија преку Албанија, Северна Македонија и Бугарија со Турција и продолжување на договорените коридори меѓу Грција, Бугарија и Романија.
Конкретно, БЈРМ беше последната југословенска караула во Западниот Балкан. Северна Македонија е во јужното крило на НАТО и транзитна позадина на неговото источно крило.
Тоа не извлекува од просторната, но и суштинската припадност во проектираниот „српски свет“ за кој зборуваат некои политичари во северниот сосед.
Во судирот на овие два пристапи за кои зборував – некои сметаат дека тоа ќе ги антагонизира Македонците и Албанците и воопшто припадниците на различните народи во земјата.
Доколку не постоеше ваков молк на темата од медиумите и партиите, можеби ќе се согласев (со тие проценки). Но молкот всушност покажува дека Македонците се согласни да градат модерна нација и тоа не им одговара на економско-политичките југо-советски тајкунски комбинации.
Дозволете на крајот да укажам на еден ризик (по ова прашање) пред опозицијата:
– Опасност е опозицијата да не го препознае овој процес.
– Поголема опасност е ако опозицијата го препознае, но го премолчи овој процес.
– Најголема опасност е ако опозицијата го саботира процесот и влезе во проект на „моно-етничко единство“ со ВМРО-ДПМНЕ наместо национално единство со граѓаните.
Доколку опозицијата не инсистира на дополнувањето на Преамбулата согласно Преговарачката рамка и на измените на Законот за примена на рестриктивните мерки – тогаш значи дека е постигнато такво моноетничко единство со ВМРО-ДПМНЕ и тоа е огромен ризик за нацијата, вели Величковски.
Камера и Фото: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети
Преземено: Цивил Медиа