Полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје синоќа лишија од слобода две лица кои малку пред тоа извршиле разбојништво во продажен објект во градскиот парк во Скопје.
-Синоќа околу 20:30 часот полициски службеници од ЕИП постапија по претходна пријава за кривично дело „разбојништво”, кое во моментот се вршело во продажен објект во градскиот парк во Скопје. Во моментот на пристигнување на полициските службеници, сторителите се затекнати како излегуваат од маркетот, со огнено оружје во рацете, а од страна на полициските службеници им биле издадени наредби да застанат и да го фрлат оружјето, но разбојниците се дале во бегство, при што полициските службеници испукале неколку предупредувачки истрели и ги стигнале и совладале сторителите, соопштуваат од Министерствпото за внатрешни работи.
Од МВР посочуваат дека двете лица се лишени од слобода и во содејство со ОЈО ќе биде поднесена соодветна пријава.
Од СДСМ велат дека Тошковски не може да ја гарантира безбедноста на граѓаните
Како во лош криминален филм среде Скопје се случи вооружен грабеж во позната продавница за техника, во градскиот парк. Додека се уште работела продавницата, криминалците со качулки на главите и експлозивни направи кај себе извршиле дрско вооружено разбојништво. Граѓаните веќе не се безбедни не само на улиците туку веќе не се безбедни ниту во продавниците. Безбедноста на граѓаните е целосно нарушена поради неспособноста на Тошковски, реагираат од опозициската СДСМ.
Оттаму посочуваат дека „само еден ден пред овој вооружен грабеж, македонското знаме беше запалено а се пукаше со автоматски оружја. Пукачите не се приведени се уште. Безбедносниот систем е разрушен од страна на ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ.
„Уште еднаш се потврдува дека Тошковски и МВР немаат контрола над безбедноста, институциите не може да ја гарантирааат безбедноста на граѓаните како што треба. Во последните 5 месеци се случија над 20 вооружени инциденти и убиства. Ова е резултат и на партизацијата на МВР и безбедносниот апарат за политички интереси на Мицкоски и ДПМНЕ. Тошковски е најнеспособниот министер во историјата и треба да си поднесе оставка“, се наведува во соопштението од СДСМ.