Околу 100.000 луѓе синоќа повторно излегоа на улиците на шпанскиот град Валенсија за да го осудат лошото управување на владата со катастрофалните поплави на крајот на октомври, во кои животот го загубија повеќе од 200 лица.
Зад огромен знак на кој пишува „Мазон, оставка“, што се однесува на конзервативниот регионален претседател на Валенсија, Карлос Мазон, „речиси 100.000 луѓе“ маршираа низ центарот на градот“, објави шпанската владина комисија во Валенсија.
Протестот беше организиран на покана на локалните и синдикалните организации во регионот што беше убедливо најпогодениот во разорните поплави на 29 октомври, во кои загинаа вкупно 230 лица.
На 9 ноември во Валенсија, третиот по големи град во Шпанија, веќе протестираа околу 130.000 лица, барајќи оставка од регионалниот лидер и осудувајќи го управувањето со вонредната ситуација од страна на централната влада на социјалистот Педро Санчез.
Поројните дождови зад себе оставија и материјална штета која се проценува на неколку милиони евра.
„Овие политичари го убиваат народот“, пишуваше на еден транспарент на мирните протести.
Демонстрантите повторно извикуваа „убијци, убијци! алудирајќи на фактот дека властите на Валенсија испратија предупредување до населението за опасност повеќе од 12 часа по црвеното предупредување издадено од Националната метеоролошка агенција и кога поплавите веќе зафатија многу области.
Во Шпанија, високо децентрализирана земја, управувањето со катастрофи е одговорност на регионите, но централната влада може да обезбеди средства, па дури и да преземе одговорност за итни случаи во екстремни случаи.
Погодените од поплавите ја критикуваат регионалната извршна власт дека доволно однапред не ги предупредила жителите за опасноста од бурните дождови кои почнаа утрото на тој кобен вторник, а исто така ја одложуваат распределбата на помошта во повеќе од 70 општини.