Поранешниот израелски министер за одбрана Моше Јалон денеска изјави дека израелската армија врши етничко чистење во Појасот Газа, а неговата изјава предизвика бес кај актуелните израелски политичари.
-Патот по кој не водат е освојување, анексија и етничко чистење, рече Јалон во интервју за приватниот канал Демократ ТВ.
На новинарско прашање дали мисли дека Израел оди кон етничко чистење тој одговори дека израелската армија ја „чисти земјата од Арапите“.
На оваа изјава веднаш реагираа израелските власти.
Министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир настапот на Јалон го опиша како срамно „што Израел имала таква личност за шеф на армијата и министер за одбрана“.
Моше Јалон (74) беше на чело на израелската армија меѓу 2002 и 2005 година, непосредно пред едностраното повлекување на Израел од Појасот Газа.
Приклучувајќи се на партијата Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху, Јалон беше министер за одбрана и вицепремиер пред да поднесе оставка во 2016 година, по расправијата со Нетанјаху.
Сметан за јастреб за време на неговата политичка кариера во Ликуд, Јалон се здружи со актуелниот опозициски лидер Јаир Лапид во 2019 година пред да се повлече од политичкиот живот во 2021 година.
Јалон неодамна ги поддржа војниците кои се закануваа дека нема да се пријават во армијата како резервисти.