Одлуката за целосно приклучување на Бугарија и Романија кон Шенген зоната претставува радосна вест за сите Бугари, Романци и целата наша Унија, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по повод решението на Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ за укинување на контролите на патниците на копнените граници на Бугарија и Романија со земјите од Шенген зоната од 1 јануари 2025 година.
– Двете земји членки (на ЕУ) целосно ќе се приклучат на најголемата светска зона на слободно движење. Ова е важно за сите нас, за европските граѓани и за бизнисите. Заедно ќе ги искористиме придобивките од посилна и поповрзана Унија, додаде Фон дер Лајен во пораката.
Според Европската комисија, оваа одлука не само што ја зајакнува Шенген зоната, туку дополнително ќе го зајакне и внатрешниот пазар на ЕУ и ќе го зголеми обемот на патувањата, трговијата и туризмот.
– Цврстата Шенген зона го зајакнува единството на ЕУ и ја прави посилна на глобално ниво, се наведува во пораката на ЕК.
Комисијата потсетува дека на 31 март 2024 година Романија и Бугарија беа примени во Шенген зоната со што беа укинати контролите на нивните внатрешни воздушни и поморски граници кон ЕУ и тие почнаа да ги применуваат Шенгенските правилата, вклучително и да издаваат Шенген визи.
– Рамките за соработка што Комисијата ги започна во март оваа година со Бугарија и Романија се надоврзуваат на успешното спроведување на пилот-проектите за брзи процедури за азил и депортација. Двете земји дополнително ќе ги поддржат заедничките европски напори за зајакнување на безбедноста на надворешните граници на ЕУ и справување со миграциските предизвици. Комисијата, исто така, ќе продолжи да нуди финансиска поддршка и помош од Фронтекс за двете земји членки, посочи Европската комисија.
Еврокомисијата нагласува дека според статистичките податоци, Шенген зоната и во 2024 година остана најпосетувана дестинација во светот.
– Гарантирајќи непречено и безбедно патување во регион со население од речиси 450 милиони луѓе, Шенген зоната е од суштинско значење за Европската унија, нејзините граѓани и нејзините бизниси. Со Бугарија и Романија, кои сега се целосно дел од Шенген, правиме уште еден клучен чекор кон изградба на силна и поврзана Унија, се додава во пораката на Европската комисија.