Царината на Косово соопшти денеска дека спречила случај на шверц од Северна Македонија во Косово, при што запленила стока вредна 30 илјади евра, без никаков документ за потеклото на истата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението на косовската Царина се наведува дека, „при тактички проверки и операции на терен во граничниот појас меѓу РК и РСМ (Република Косово и Република Северна Македонија), на подрачјето на општина Витина“, царинските единици запреле две транспортни возила со локални регистарски таблички со возачи државјани на Косово.
-При контролата откриена е комерцијална стока шверцувана од РСМ за која не поседувале никаков документ за потеклото, се вели во соопштението.
Се наведува и дека царинските единици извршиле проверки во магацин во Приштина, сопственост на осомничените.
-Од наведените единици е извршена проверка и во Приштина во магацинот на осомничените, при што наишле на разна комерцијална стока без потекло и без соодветна документација. Стоката е одземена и испратена на царински терминал за понатамошно постапување. Вредноста на стоката на пазарот е над 30.000 евра без да се пресметаат царинските затајувања, се наведува во соопштението.