Како изгледа новиот почеток на барателите на азил во нашата држава, јазични, културни, социолошки бариери. Страв и надеж. Разговаравме со Ивана Кекева од организацијата Отворена порта / Ла Страда, која ни раскажа како изгледа секојдневното работење со барателите на азил, кои се најголемите предизвици што тие како лица кои работат се соочуваат со нив, но и лицата кои бараат азил. Организацијата обезбедува заштита, градење капацитети и услуги за интеграција за тргувани лица, бегалци, баратели на азил и други ранливи популации, со цел да им помогне на овие групи успешно да се интегрираат во општеството и да живеат достоинствено.
Нова: Може ли да ни раскажете нешто повеќе за Ла Страда и вашата улога во центарот за баратели на азил?
Кекева: Отворена порта / Ла Страда, е препознаена како како истакната и релевантна организација на граѓанското општество во земјата, со големо знаење и професионалност за прашањето на миграцијата, насилството и трговијата со луѓе и има долгогодишно искуство во застапување за прашањата на национално, регионално и меѓународно ниво.
Нашата организација е една од клучните организации кои одговорија на бегалската криза, примарно нудејќи психосоцијална поддршка, и хуманитарна помош на бегалците, мигрантите и барателите на азил. Од 2014 година, организацијата нуди широк спектар на директни услуги за барателите на азил, мигранти и бегалци и досега има обезбедено поддршка и помош на голем број луѓе кои транзитираа низ балканската миграциска рута или живеат во земјата, пред се фокусирајќи се на најранливите. Активностите за психосоцијална поддршка, заштита и подобрување на нивната благосостојба, Отворена Порта ги спроведуваше во транзитните центри Винјуг и Табановце како и во Прифатниот центар за баратели на азил Визбегово. Во моментов, организацијата работи на социјалното зајакнување на барателите на азил и ги надополнува напорите насочени кон зајакнување на условите за прием и вклучување на барателите на азил преку спроведување на програма за интеграција во Прифатниот центар за баратели на азил Визбегово.
Нова: Која е основната помош и поддршка што Ла Страда им ја нуди на барателите на азил?
Кекева: Проектот кој го имплементираме во Прифатниот центар за баратели на азил, во партнерство со УНХЦР, има за цел да обезбеди основни услуги и психосоцијална поддршка за да се олесни раната интеграција на барателите на азил и да се промовира нивното вклучување во македонското општество. Сите активности се внимателно дизајнирани и насочени да одговорат на специфичните потреби и контекстот на барателите на азил, обезбедувајќи нивна ефективна интеграција во заедницата.
Програмата вклучува психосоцијална помош и поддршка, психолошко советување, часови по македонски јазик, социјални активности, програми за културна ориентација, работилници за јакнење на вештини, како и арт терапија, чија цел е да ја подобрат благосостојбата и мотивацијата на барателите на азил и да ги опремат со основни вештини, знаења и ресурси. Специјализираните работилници за физичкото и менталното здравје, компјутерска писменост и превенција од трговија со луѓе го надополнуваат холистичкиот пристап, осигурувајќи дека стекнатите вештини се претвораат во зголемена самодоверба, безбедност и севкупна благосостојба за барателите на азил. Овие работилници не само што го придонесуваат кон личниот раст туку и поттикнуваат чувство на заедница.
Нова: Како изгледа секојдневната работа со барателите на азил?
Кекева: Секојдневната работа со барателите на азил носи многу предизвици, но за тимот на Отворена порта најважно е да создаде средина каде што поединците и семејствата ќе се чувствуваат поддржани и ќе можат да започнат нов почеток и да ги обноват своите животи. Барателите на азил се секогаш вклучени во проценките, планирањето, спроведувањето и евалуацијата на нашите услуги со цел тие да бидат прилагодени на нивните потреби. За возрасните, тоа е емоционална и практична поддршка која ќе им помогне во процесот на надминување на траумата, часови по македонски јазик за да се чувствуваат повеќе поврзани или работилници во кои учат нови вештини и поттикнуваат независност. Нашите услуги се насочени кон поттикнување на социо-економска инклузија на бегалците надвор од почетната фаза на прием. За децата, фокусот е да им се даде чувство на нормалност и радост. Организираме активности како креативни работилници, игри и едукативни сесии дизајнирани да им помогнат да се изразат, да градат самодоверба и едноставно да бидат повторно деца, и покрај предизвиците со кои се соочиле.
Секој ден е различен, но целта е секогаш иста, да се поддржат барателите на азил да се чувствуваат посигурни и вклучени во македонското општество.
Нова: Држите и часови по македонски јаизк, како изгледа еден час од колкава важност и помош е тоа за барателите на азил?
Кекева: Часовите по македонски јазик се суштински дел од помагањето на барателите на азил да се интегрираат во нивната нова средина и се дизајнирани да бидат практични и интерактивни, фокусирајќи се на секојдневните комуникациски вештини кои барателите на азил можат да ги користат во секојдневниот живот. Лекциите вклучуваат практични јазични вештини, учење основен вокабулар, фрази и практикување едноставни разговори. Часовите се прилагодени на различни нивоа на вештини, така што секој може да учи со свое темпо, а ние инкорпорираме игри, играње улоги и визуелни помагала за да го направиме процесот на учење привлечен и достапен. Дополнително, културните елементи се интегрирани во лекциите за да се запознаат барателите на азил со локалните традиции и обичаи, со што се олеснува нивното прилагодување кон заедницата. За барателите на азил, изучувањето на македонскиот јазик е неверојатно важно, тоа не само што им помага да комуницираат со локалното население и да пристапат до основните услуги, туку исто така го поттикнува чувството на припадност и независност. Способноста да се разбере и зборува јазикот отвора можности за вработување, образование и градење социјални врски во заедницата, што го прави клучен чекор кон нивната интеграција.
Нова: Дали има некои посебни програми за жени и деца и други ранливи групи кои престојуваат во центарот?
Кекева: Да, постојат специјализирани програми дизајнирани за жени, деца и други ранливи групи, вклучително и лица со попреченост, лица со сериозни здравствени состојби, жртви на трговија со луѓе и родово базирано насилство, кои имаат за цел да одговорат на уникатните потреби и предизвици со кои се соочуваат овие групи, обезбедувајќи тие да добијат соодветна поддршка и заштита.
Програмите за жени се фокусираат на обезбедување психосоцијална поддршка, решавање на прашања поврзани со родово базирано насилство и нудење безбеден простор каде што можат да разговараат за нивните искуства и да пристапат до потребните услуги и ресурси кои го промовираат нивното зајакнување и благосостојба, охрабрувајќи ги да побараат помош кога е потребно.
За децата, се спроведува соодветна програма за ран детски развој и образовна програма со цел нивните емоционални и развојни потреби да бидат задоволени. Ова вклучува создавање погодна средина каде што децата можат да се вклучат во игра, да учат и да добијат психосоцијална поддршка. Дополнително, се поддржуваат семејствата за вклучување на децата во формалното основно образование а понатаму континуирано се работи со нив за совладување на наставните програми во училиштата. Покрај тоа, специфична поддршка која е дизајнирана да обезбеди заштита и безбедност на децата, вклучително и деца без придружба, се обезбедува преку психолошко советување и услуги информирани од најдобриот интерес на детето.Нова: Кои се најчестите предизвици со кои вие како лица кои работат со барателите на азил се соочувате?
Кекева: Работата со барателите на азил не е лесна – носи многу предизвици и бара трпение, разбирање и способност да се прилагодиш на различни ситуации, како со луѓето, така и во самата организација.
Една од најзначајните предизвици е јазичната бариера, бидејќи барателите на азил доаѓаат од различно јазично потекло и често не зборуваат англиски јазик, што ја отежнува комуникацијата. Друг предизвик е решавањето на различните и сложени потреби на поединци и семејства. Приказната и ситуацијата на секој барател на азил е различна и може да биде предизвик да се приспособи поддршката на начин што ги задоволува и нивните непосредни и долгорочни потреби. Културната чувствителност и интеграцијата претставуваат уште еден предизвик, бидејќи помагањето на барателите на азил да се приспособат на новата култура додека го зачуваат сопствениот идентитет бара трпение и разбирање.
И покрај сите предизвици, оваа работа носи огромно задоволство, бидејќи секој мал чекор што ќе помогне некому да го обнови својот живот дава чувство на смисла и исполнетост.
Нова: Кои се пак најчестите предизвици кои барателите ги имаат кај нас?
Кекева: Барателите на азил во нашата земја се соочуваат со голем број на предизвици кои значително го отежнуваат нивниот престој во нашата држава. Еден од клучните предизвици е тоа што тие не можат да пристапат до пазарот на труд и да засноваат работен однос во текот на нивната постапка за признавање на право на азил. Неможејќи самостојно да си обезбедат средства за егзистенција но и финансиска стабилност за нив и за нивните семејства, тие често одлучуваат да ја напуштат нашата држава. Дополнително, процесот на признавање на правото за азил може да биде бавен и сложен, често оставајќи ги барателите на азил во состојба на несигурност и неизвесност долги периоди. Исто така децата се соочуваат со уште една голема пречка, не можат да се запишат во средно училиште, што го става нивното образование во мирување и им ги ограничува можностите за едукација и стекнување на квалификации кои би можеле да им помогнат во иднина. Пристапот до соодветна здравствена заштита и поддршка за ментално здравје, исто така, може да биде ограничен, иако многумина доживеале траума или се соочуваат со големи здравствени проблеми. Сите овие предизвици заедно им отежнуваат на барателите на азил да најдат стабилност, да се поврзат со околината и да продолжат со својот живот Отворена порта, во партнерство со УНХЦР, активно работи на надминување на овие пречки, нудејќи директни услуги преку нашата програма, со цел да се промовира интеграцијата и благосостојбата на бегалците. Сепак, интеграцијата на бегалците е сложен и динамичен процес кој бара заеднички напори од сите засегнати страни.
Нова: Можете да ни раскажете нешто повеќе за излетите што ги органзирате како изгледа една таква активност?
Кекева: Излетите што ги организираме се важен дел од нашата работа со барателите на азил, нудејќи им шанса да излезат од секојдневните рутини и да го искусат богатото културно и природно наследство на нашата држава. Овие активности им помагаат на барателите на азил да ги разберат локалните обичаи, традиции и историја, а истовремено промовираат социјална интеракција и физичка благосостојба. Често ги посетуваме знаменитостите како Скопското Кале, Градскиот музеј и Старата чаршија, каде што не само што барателите на азил учат за историјата на земјата, туку имаат и можност да ја вкусат традиционалната македонска кујна. Излетите во природа се подеднакво важни, а посетите на места како Кањонот Матка, Водно и градските паркови обезбедуваат мирна средина за релаксација и физичка активност. Без разлика дали станува збор за шетање низ парк, уживање во пикник на Водно или едноставно пиење кафе во локален ресторан, овие моменти создаваат чувство на поврзаност, ја подобруваат благосостојбата и помагаат во олеснување на процесот на интеграција со тоа што барателите на азил се чувствуваат повеќе како дома во нивното ново опкружување.
Нова: Како може јавноста да биде вклучена или да помогне во поддршката на вашата работа?
Кекева: Јавноста има клучна улога во поддршката на работата што ја прави Отворена порта. За да се помогне на барателите на азил, важно е да се подигне свеста за нивните предизвици и потреби. Со споделување информации и застапување за нивните права, јавноста може да помогне во промената на ставовите и создавање поголемо разбирање и поддршка за овие луѓе. Информациите, поврзувањето, меѓусебното запознавање и интеркултурната размена се од големо значење за да се пребродат стереотипите и предрасудите.
Дополнително, Отворена порта го поттикнува волонтеризмот и практикантсвото во сите програми на нашата организација вклучително и во помошта на барателите на азил. Без разлика дали се работи за обезбедување часови, помош при спроведување на социјални активности или нудење работилници за вештини, волонтирањето е наједноставен начин да помогнете дирекно во поддршката на оваа заедница.
Отворена порта и оваа година организира хуманитарен базар каде што се изложуваат рачните изработки на барателите на азил кои ја одразуваат издржливоста и креативноста на овие поединци. Оваа година, присутни сме на најголемиот Новогодишен базар во Скопје Сити Мол, кој трае од 15 до 20 декември. Учеството и поддршката на јавноста на овој настан значат многу за талентираните лица кои ја вложиле својата креативност во овие изработки.
Сите можеме да се вклучиме во кампањи за сензибилизирање на општеството, да се бориме против дискриминацијата и да укажеме на предрасудите и погрешните перцепции, поттикнувајќи социјална, економска и културна интеграција на бегалците и барателите на азил. Секоја форма на поддршка, без разлика колку мала, помага да се зајакне влијанието на нашата работа и им дава на барателите на азил подобри можности за нов почеток и за надеж далеку од дома.
Марија Тодоровска
Сторијата е изработена во рамките на менторската програма за млади новинари на Младинскиот Образовен Форум во партнерство со УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, како дел од проектот „Ангажирање на младите за подобрување на наративот за луѓето за кои УНХЦР се залага” поддржан од УНХЦР.
Преземено: НоваТВ