Потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, реагира на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски оценувајќи дека ја навредува интелигенцијата на граѓаните.
„Само затоа што куповната моќ е мала, не значи дека е мала и способноста за расудување на граѓаните. А, граѓаните добро знаат дека Мицкоски прво им даде доволно време на трговците да ги покачат цените, за да денес вели дека срамота било ова што го правеле. Мицкоски двојно ги потценува граѓаните: прво преку празнење на нивните џебови, а сега и преку навредување на нивната интелигенција. Затоа неговото кревање раменици и лошо изглумена грижа не проаѓаат. Самиот Мицкоски им даде и амин и време на трговците вртоглаво да ги качат цените. И сега, на пет-шест часа пред католички Бадник, тој ќе преземал нешто. Што би рекле старите „после свадба – тапани.“ На сите им е јасно дека Мицкоски е слуга на интересите на големиот капитал, а не на интересите на обичните граѓани. Тие евтини приказни за вџашеност од аздисот на трговците нека им ги кажува на нив. Откако Азески ќе му нареди да си седне на столчето. Ако смее, де.“ стои во објавата на Костова на Фејсбук.
Премиерот Мицкоски денеска ги обвини трговците за високите цени на прехрамбените производи. Срамота е ова што го прават пред празниците, рече Мицкоски.
Тој упати апел до трговците да го преиспитаат своето однесување во однос на цените на прехранбените производи и најави дека ќе побара од Пазарниот инспекторат вонредна инспекција со цел да се утврди како цената на одредени основни производи е зголемена во изминатите 30 дена.
Од Владата велат дека се опфатени повеќе од илјада производи со мерката „Новогодишна кошничка“, која важи до 15 јануари.
Мицкоски ги обвини трговците за високите цени: Срамота е ова што го прават пред празниците