Сирискиот министер за надворешни работи, Асад ал Шабани, за време на неговата посета на Ријад, им кажа на саудиските власти дека новото раководство во Дамаск сака да формира влада која ќе ги вклучи сите делови на Сирија.
Ал Шабани во објавата на „Х“ рече дека за време на неговата прва посета во странство откако е назначен за министер за надворешни работи, на саудиските власти им ја пренел „националната визија“ на новата влада.
-Преку нашата посета, ја пренесовме нашата национална визија за формирање влада заснована на партнерство и ефикасност, која ги вклучува сите делови на Сирија и работи на започнување план за економски развој кој го отвора патот за инвестиции, воспоставува стратешки партнерства и ги подобрува условите за живеење, рече Ал Шабани.
Ал Шабани и сирискиот министер за одбрана вчера во Ријад се сретнаа со саудискиот министер за одбрана, принцот Калид бин Салман.
Тој претходно рече дека ова е прва посета во странство „во историјата на слободна Сирија“, со која земјата сака „да отвори нова, светла страница во сириско-саудиските односи што одговара на долгата заедничка историја на двете земји“.
На 21 декември, Ал Шабани беше назначен за министер за надворешни работи од привремената сириска влада, со што стана првиот висок дипломат во земјата по соборувањето на Башар ал Асад.
Посетата на Саудиска Арабија дојде помалку од еден месец откако бунтовничките сили го соборија поранешниот сириски претседател Башар ал Асад на 8 декември.