Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека очекува многу посилен ангажман од Владата во односите со новата американска администрација, оценувајќи дека пристапот треба да биде сериозен, одговорен и офанзивен за да не им се дозволи на другите полесно да доаѓаат до најважните претставници на администрацијата на САД.
– Последниве недели имав неколку средби со нив во Белград. Ана (Брнабиќ – претседателка на парламентот), и за време на својот годишен одмор, имаше една важна средба. Се надевам дека ќе успееме да обезбедиме барем толку, да бидеме слушнати и да се бориме нашиот збор да се чуе во новата американска администрација, од која многу очекувам, изјави Вучиќ на седницата на Владата на Србија.
Тој додаде дека очекува големи структурни промени од американската администрација низ светот, кои, според него, ќе бидат на радост на граѓаните на Србија, освен на оние чии активности против Србија биле финансирани од таму.
– Тие најчесто биле донации од National Endowment for Democracy, USAID и други организации, преку нивните европски филијали и други структури. Во секој случај, овој пристап е многу важен за нас, изјави Вучиќ.
Тој оцени и дека постои обединетост на Загреб и Приштина, а понекогаш и на Сараево, во борбата против властите во Србија.
– Тие не сакаат силна Србија, туку слаба, падната на колена, онаква каква што беше во периодот од 2003 до 2012 година, рече Вучиќ.