Украина во текот на ноќта на 10 јануари нападна руски магацин во кој се складира муниција и извидувачки беспилотни летала користејќи ракета Нептун од домашно производство, изјави за Кијив Индипендент извор од Службата за безбедност на Украина (СБУ).
Според изворот, нападот кај селото Чалтир во руската Ростовска област го извршиле СБУ и морнарицата на Украина.
Најпрво, украинските беспилотни летала наводно ја „преоптовариле“ руската противвоздушна одбрана, при што ракетата Нептун ја погодила локацијата набргу потоа, објаснил изворот.
На видеата објавени на социјалните мрежи се гледа моментот на експлозија во Ростовската област и висока колона чад се издига над населбата. Обемот на штетата не е соопштен. Кијив Индипендент не можеше да ги потврди тврдењата.
Снимка која наводно го прикажува нападот на Украина врз складиштето во кое се складира муниција и извидувачки беспилотни летала во близина на селото Чалтир во руската Ростовска област во текот на ноќта на 10 јануари. (Социјални медиуми)
Нептун е украинска противбродска ракета од земја, домашно произведена, со максимален домет од 300 километри.
Украинските сили наводно користеле ракети Нептун за да го уништат рускиот систем за воздушна одбрана С-400 Триумф на 14 септември и да го потопат рускиот предводник на Црното Море Москва во април 2022 година.
Нападот е еден од неколкуте неодамнешни напади во Ростовската област. На 25 декември, украински беспилотни летала со долг дострел гаѓаа складиште за муниција на воениот полигон Кадамовски, изјави извор од СБУ за Киев Индипендент.
Еден ден подоцна, украинскиот Центар за стратешки комуникации (Стратком) објави дека вооружените сили нападнале фабрика во Ростовската област, која произведува цврсто гориво за балистички ракети.
Претходно, на 10 јануари, локалните власти и руските независни медиуми објавија дека украински беспилотни летала нападнале неколку руски области во текот на ноќта, предизвикувајќи сериозни пожари во областите Ленинград и Ростов.
Руските сили за воздушна одбрана, наводно, пресретнале 40 украински беспилотни летала во текот на ноќта, тврди руското Министерство за одбрана.
Според Министерството, руските сили уништиле 16 беспилотни летала над Ростовската област, четири над областите Курск и Воронеж, три над Брјанската област, два над регионот Кубањ, еден над Белгородската област и 10 над Азовското Море.
Нападот со дрон, наводно, предизвикал пожар од големи размери во градот Гатчина во Ленинградската област, кој се наоѓа на 45 километри југозападно од Санкт Петербург. Пожарот започнал во индустриска зона, објави независниот информативен канал Астра, цитирајќи локални жители.
Ingria Tech, компанија која продава панелни облоги и бои, се наоѓа во близина на местото на пожарот, како и објект за преработка на храна и фабрика за градежни материјали, според Astra.
Руската државна новинска агенција ТАСС, исто така, тврди дека гори фабрика за ацетон.
Пожарот зафатил површина од 1.900 метри квадратни, соопшти руското Министерство за вонредни ситуации. Нема повредени, додаваат од Министерството.
Уште еден пожар предизвикан од напад со дрон се случи во Ростовската област. Во близина на градот Ростов, избувна пожар во индустриско производство на 2.000 метри квадратни, јави руската државна агенција РИА Новости.
Според Астра, еден од нападите го погодил селото Чалтир, при што паднал во близина на болница. Гувернерот на Ростовската област Василиј Голубев исто така пријави пожар во куќа во Чалтир.
Шефот на Центарот за борба против дезинформации при Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Андриј Коваленко, вели дека Украина нападнала „маскирани“ објекти од одбранбената индустрија во руските региони Ростов и Ленинград, пренесува Укринформ.
„Маскирани објекти од одбранбената индустрија беа нападнати во руските региони Ростов и Ленинград. Русија ги префрла одбранбените погони како цивилни, обидувајќи се да го скрие нивното вистинско производство. Но, ние сме свесни за сè“, се вели во објавата на Коваленко на Телеграм.
Според медиумите, фабриките во Русија горат по напад со дрон. Пожар избувна во индустриска зона во Гатчина, Ленинградска област, каде што е во пламен „фабрика за ацетон“. Голем пожар избувна и во Ростовската област во фабриката ПластФактор.
Драган Мишев / Цивил Медиа