Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави денеска дека неговата земја „не е во војна, но нема ниту мир“, мислејќи на хибридните напади и прокси војната што се водат на нејзина територија, пренесоа француските меидуми.
-Шведска не е во војна, но не е ниту во мир. Вистинскиот мир е слобода и отсуство на сериозни конфликти меѓу државите, рече тој за време на годишниот форум за одбрана во централниот град Селена.
„Ние и нашите соседи сме цел на хибридни напади кои не се вршат со проектили и војници, туку со компјутери, пари, дезинформации и закани за саботажа“, рече Кристерсон.
-Оваа безбедносна ситуација и фактот дека чудните работи продолжуваат да се случуваат во Балтичкото Море не наведуваат да веруваме дека непријателските намери не можат да се исклучат, додаде тој.
Во последните месеци во Балтичко Море се оштетени неколку електрични и телекомуникациски кабли. Според експертите и политичарите, оштетувањето на енергетската и комуникациската инфраструктура е дел од „хибридната војна“ на Москва против Западот, забележуваат француските медиуми.
За време на својот говор, шведскиот премиер не обвини конкретна земја за оштетените кабли, но зборувајќи поопшто за хибридните напади во регионот, рече „руската закана секако ќе биде долгорочна. Така треба да биде нашата одбрана“.
Тој додаде дека шведската влада ваквата ситуација ја оценува за „сериозна“ и верува дека земјата живее во „ера на прокси војни“.