Пишува: ДРАГАН МИШЕВ
Вчера случајно наслушнав некоја патриотска тажаленка чиј рефрен оди вака: Вардаре, Пирин кај ти е, Вардаре Егеј кај ти е?
Не ми е познато од кога датира песнава и текстот во неа, но од 1 јануари 2025 има точен и математички прецизен одговор… заминаа во ЕУ.
Со влегувањето на Бугарија во Шенген зоната , и де факто, и де јуре, Егеј и Пирин се сплотија како една територија во рамките на Европската Унија. Со влегувањето на Бугарија во Шенген, веќе нема граници помеѓу Пиринска и Егејска Македонија. Несплотен остана само делот на Вардар(ска).
Шансата што и се нуди веќе подолго време на Северна Македонија, која се протега од двете страни на реката Вардар, кој во песната го прашуваат каде му се другите два дела ( за да биде цела), со отпочнување на преговори и влез во Европската Унија, конечно да бидат избришани границите помеѓу Вардарска, Егејска и Пиринска Македонија, со потезите кои ги влече новата владејачка гарнитура предводена од Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, се чини дека станува се подалечна.
Со упорното одбивање на владата на Мицкоски да ги реализира преземените обврски и со тоа да отпочне преговори за членство во ЕУ, вековниот стремеж на Македонците (декларативно и на носителите на новата власт) да живеат без граници помеѓу нив, полека, но сигурно, пропаѓа во живиот песок од лажен патриотизам, лаги и манипулации за божемна заштита на идентитетот, нацијата, јазикот.
Во меѓувреме, наместо да работи на бришење на единствената преостаната границата помеѓу Вардар и веќе сплотените Егеј и Пирин, Мицкоски работи на возобновување на Вардарскиот дел на Македонија како Вардарска Бановина, закачен за Србија, со кој ќе господарат деспотот Вучиќ и неговиот вазал Мицкоски.
Поради личните и партиски лукративни причини, Мицкоски и ДПМНЕ ќе ја направат Македонија слепо црево на Европа. Ќе си остане земјава како и слепото црево, небитно и заборавено, се додека не се воспали. А тогаш се знае процедурата, кратка хируршка интервенција и слепото црево ќе го снема.
Преземено: Цивил Медиа