Руската војска во вторникот соопшти дека ќе возврати на Украина откако Кијив ги нападна руските региони со истрелување шест балистички ракети ATACMS од САД, шест крстосувачки ракети Storm Shadow од Обединетото Кралство и лансирање на еден од најголемите напади со беспилотни летала до сега, пренесува Си-ен-ен.
Откако Украина минатата година првпат лансираше ракети ATACMS и британски Storm Shadow во Русија, Москва одговори на 21 ноември со лансирање на нова хиперсонична балистичка ракета со среден дострел, позната како „Орешник“, или Hazel Tree, во Украина.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека ги соборило сите западни ракети истрелани од Украина во областа Брјанск, како и 146 беспилотни летала надвор од воената зона. Се наведува дека уште две „Storrm Shadows“ биле соборени над Црното Море.
„Акциите на режимот во Кијив, поддржани од неговите западни куратори, нема да останат без одговор“, соопшти Министерството за одбрана.
Украинскиот генералштаб соопшти дека удрил на длабочина од 1.100 километри во Русија, а цел биле складишта за нафта, рафинерија, хемиски и мунициски погони во регионите Брјанск, Саратов, Тула и Татарстан.
Кијив не соопшти точно како ги погодил целите, но рече дека силите со беспилотни летала и ракетни сили биле меѓу единиците вклучени во нападот.
Како што објави вчера ЦИВИЛ Медиа, украинските сили извршија масивен напад со дронови врз Енгелс, Саратов, Казан и други руски региони, при што беше запалена хемиската фабрика во Татарстан
Подготви: Д. Мишев / Цивил Медиа